Тринаесет градови во Грција протестираат за „грчкиот карактер на Македонија“

Пораката дека Македонија е една и грчка, планираат да ја испратат граѓаните кои денеска ќе учествуваат на протестите за „грчкиот карактер на Македонија“ што организирано и паралелно ќе се одржат во 13 градови од Северна Грција..

Вечер, во 19.30 часот, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организира протести во Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики.

Според грчките медиуми, независно од Комитетот, и во осум други градови низ Грција, самоиницијативно ќе се одржат протести.

Во многу градови, јавува дописничката на МИА од Атина, демонстрациите се поддржани од локалната самоуправа, од градоначалниците, но и од митрополитите, а планиран е и организиран превоз од села и градови до плоштадите каде што ќе се одржат протестите.

Како што во веќе објави МИА, организаторите преку овие протести „ќе се обидат да ги потсетат политичарите во земјата дека грчкиот народ донел одлука во врска со името“.

Неофицијално, во грчките медиуми се споменува дека доколку се постигне договор, на денот кога ќе треба да се гласа во грчкиот Парламент, ќе се организира голем протест во центарот на Атина.

Коментирајќи ги протестите, владиниот портпарол и министер без ресор на Грција, во интервју за радиото 247, рече дека „владата го признава светото право на граѓаните да се мобилизираат, да протестираат, да го изразат нивното несогласување, резервираност и отфрлање на владината политика“, но додаде дека земјата има национална линија од 2008.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top