Турција им се закани на САД по признавањето на геноцидот врз Ерменците

Усвојувањето на резолуција во американскиот Конгрес за признавање на геноцидот од Отоманската империја врз Ерменците на почетокот на 20 век „ја загрозува иднината“ на односите меѓу Турција и САД..

Ова предупредување вечерва го објавија турските власти, непосредно по донесената одлука во Вашингтон.

„Однесувањето на одредени членови на американскиот Конгрес ги загрозува турско-американските односи ... Резолуцијата на САД донесена од Сенатот денес ја доведува во прашање иднината на нашите билатерални односи“, изјави портпаролот на турското претседателство Фахретин Алтун.

Горниот дом, Сенатот на САД едногласно денеска ја донесе резолуцијата во која се признава геноцидот врз Ерменците. Таа резолуција беше изгласана на крајот на октомври од страна на Претставничкиот дом, што во тоа време предизвика незадоволство од Турција.

Републиканскиот сенатор Кевин Крамер претходно изјави дека не е вистинско време да се донесе закон што ќе ја налути Турција.

Историчарите проценуваат дека 1,5 милион Ерменци биле убиени во Отоманската империја за време и по Првата светска војна, за што експертите сметаат дека е првиот геноцид во 20 век.

Наследникот на империјата, Турската Република, прогласена во 1923 година, негира дека станува збор за геноцид, туку дека тие биле само жртви на граѓанска војна и немири во време на распадот на Отоманската империја, чиј број бил предимензиониран и дека имало смртни случаи од обете страни.

Турција соопшти дека тогаш биле убиени меѓу 250.000 и 500.000 Ерменци.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top