Турција почна да ги тестира руските одбранбени системи, САД се закануваат со санкции

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го оцени како „загрижувачки“ фактот што Турција вчера почна да ги тестира руските системи за противвоздушна одбрана и покрај постојаните барања од Вашингтон да не ги активира, заканувајќи ѝ се со санкции..

„Тоа загрижува“, кажа Помпео на конференција за медиумите. „Не ја губиме довербата, сѐ уште ќе разговараме со Турците за да најдеме решение. Нема да нагаѓам што ќе направи претседателот. Но јасно ѝ кажавме на турската влада дека сакаме да се откаже од активирањето на одбранбениот ракетен систем С-400“, додаде тој.

Турските медиуми јавија дека Анкара почнала да ги тестира системите С-400 купени од Русија, и покрај американската закана со санкции. Воени авиони, меѓу кои Ф-16 од американско производство, ја надлетувале турската база за да ги тестираат радарите на системите и да ги обучат Турците да ракуваат со нив.

Турската набавка на руските противвоздушни системи и понатаму е голема причина за тензии меѓу Анкара и Вашингтон. За тоа кон средината на ноември на средбата во Вашингтон разговараа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп.

Соединетите Држави сметаат дека С-400 не е компатибилен со опремата на НАТО, воениот пакт чиј член е Турција. Тврдат дека исклучително софистицираниот ракетен систем ја загрозува таинственоста на Ф-35, американскиот ловец невидлив за радарите од кој турската војска нарача повеќе од 100 парчиња.

Американската влада реши да ја исклучи Турциај од програмата за развој и набавка на Ф-35 откако ги доби првите руски противвоздушни системи.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top