Туск предупреди: Ризикот Полска да ја напушти ЕУ е смртно сериозен

Претседателот на Европскиот совет и поранешен полски премиер Доналд Туск предупреди денес во Вашрава дека ризикот од полегзит е смртно сериозен и драматичен.

„За мене не е важно дали Јарослав Качински планира излегување на Полска од ЕУ или само иницира процеси кои со тоа ќе завршат. Имам искуство со британскиот премиер Камерон, работев со него од ден во ден на тоа да го избегнеме брегзитот. Тој ја доби идејата за референдумот а потоа правеше сѐ за Британија да остане во ЕУ. Па сепак ја изнесе“, им кажа Туск денес на новинарите во Варшава.

Туск изрази страв дека денес во ЕУ волјата по секоја цена да се задржи Полска во ЕУ е помала отколку во случајот на Британија.

„Работата според мене е многу многу сериозна, работата е драматично сериозна, ризикот е смртно сериозен. Би сакал сите оние кои дејствуваат во таа насока да се опаметат“, кажа Туск, а пренесуваат полските медиуми.

Доналд Туск како поранешен долгогодишен полски премиер го сослушуваше денес цели седум часа специјална комисија на полскиот парламент за истрага на малверзациите околу една од најголемите пирамидални и финансиски измами во Полска кога во периодот од 2009 до 2012 година околу 19.000 Полјаци наседнаа на ветување на нереално високи камати за инвестиции во злато во фондот Амбер голд и изгубија околу 202 милиони евра.

Комисијата ја предводат пратеници на владејачката партија Право и правда на Јарослав Качински и за време на сослушување на Туск како последен сведок се обидоа да најдат докази дали тој како премиер можел да знае за ризикот, а не направил ништо да се информираат Полјаците као и дали наредил фондот Амбер голд да не се чепка затоа што во авиокомпанијата во сопственост на Амбер голд бил вработен неговиот син.

Шефицата на комисијата, пратеничката на владејачката партија Малгожата Васерман по сослушувањето им изјави на новинарите дека комисијата во истрагата и од денешното сослушување сфатила дека Туск воопшто не бил во состојба како премиер да управува со држава како Полска.

„Цели три години ниедна од институциите не била во состојба да му застане на патот на сопственикот на Амбер голд“, кажа Васерман.

Туск за време на сослушувањето потсети дека слична финансиска афера со пирамиди имаат и сега владејачките конзервативци и дека кога врз премиерот Матеуш Моравјецки би го примениле истиот аршин како врз него, тој најверојатно веќе би горел на клада.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top