Твитовите на Трамп за Сирија, Русија и Кина: триумфот на контрадикторноста

Канонадата од твитови на претседателот Трамп за Сирија, Русија и Кина минатата недела постави нов стандард за контрадикторни и непостојани ставови во пристапот на Трамп кон војната, трговијата и односите со противниците, вели Њујорк тајмс..

Претседателот вети дека никогаш нема да најавува воена акција против непријател, а сепак однапред се перчеше за претстојниот ракетен напад врз Сирија. Тој ѝ се закануваше на Русија и ги нарече нејзините односи со САД полоши дури и од тие за време на Студената војна, но сепак за тоа не ја обвини Москва, туку истрагата на специјалниот советник.

Тој го пофали претседателот Си Џинпинг од Кина за неговата „просветленост“ за трговијата во неговиот мошне очекуван говор, но во него господинот Си всушност не понуди ништо за да го смени она што господинот Трамп го нарече „децениски предаторски практики на Пекинг“.

Трамп би можел да тврди, како Ралф Валдо Емерсон, дека „глупавата доследност е хобгоблинот на малите умови“. Но најновиве промени и скокови беа толку нескладни што странските функционери беа уште повеќе збунети од вообичаеното во однос на наредните потези на Трамп.

Твитовите, исто така, беа сосема спротивни на политиката на администрацијата кон Русија, каде што САД ги бркаат дипломатите и воведуваат санкции кон другарчињата на претседателот Владимир Путин. Тие се во судир и со политиката за Кина, каде што САД се подготвени да ја ескалираат конфронтацијата околу трговијата. Тие се дијаметрално спротивни со најновите постапки за Сирија, каде што администрацијата се обидуваше да состави коалиција пред да го нападне претседателот Башар ал-Асад поради неговата наводна употреба на хемиско оружје во предградието на Дамаск минатата недела.

„Неговата администрација можеби подготвила политика кон Русија преку меѓуагенцискиот процес“, изјави Мајкл А. Мекфол, поранешен американски амбасадор во Русија, „но Трамп изгледа целосно раздвоен од неа, како што се чини дека е раздвоен од голем број надворешни политики“.

Функционери и дипломати на администрацијата велат дека странските влади научиле да игнорираат многу од твитовите на господинот Трамп, особено оние чија јасна цел е спинување на неговата политичка база или подбуцнување на странските противници. Но тие признаваат дека е тешко да се одлучи што да се игнорира и што да се сфати сериозно.

Господинот Трамп минатата година во своите твитови се потсмеваше со идејата да седне и да постигне договор со водачот на Северна Кореја, Ким Јонг-Ун. Сега, помошниците на Белата куќа планираат самит за двајцата мажи.

Мекфол вели дека Путин нашол работи и што му се допаѓаат и што не му се допаѓаат во трите твита на Трамп за Русија во средата наутро. Путин ја презрел заканата од Трамп дека ќе испрати „фини и нови и 'паметни'“ проектили во Сирија, каде што би можеле да ги погодат руските сили, а да не го спомнуваме неговото тврдење дека односот „е полош сега отколку кога било во историјата, вклучувајќи ја и Студената војна“.

Но Мекфол вели дека Путин би го поздравил чудното тврдење на Трамп дека специјалниот советник, Роберт С. Милер III, поттикнува антируски чувства во САД.

Меѓутоа, повеќе од сѐ, господинот Мекфол вели дека Русите ќе го сметаат паушалниот пристап на Трамп за слабост.

„Моето чувство е дека Кремљ се откажал од својата претходна надеж дека Трамп би можел да ги поправи односите, бидејќи тој не е фокусиран и не ја контролира надворешната политика“, вели тој.

За Сирија, ветувањето на Трамп за ракетниот напад не само што го прекршува неговото сопствено ветување дека никогаш нема да најавува таква акција - туку со него тој се истрчува пред американските сојузници. Додека Франција беше непоколеблива во поддршката за нападите, британската влада сè уште размислуваше. Администрацијата, велат официјалните претставници, би сакала нејзините сојузници да бидат дел од обединет фронт.

Како практично прашање, најавите на Трамп можеа да му овозможат на Асад да премести неколку авиони за да ги тргне од патот на ракетниот напад. Но аналитичарите велат дека такво движење немаше да го смени исходот, со оглед на воената супериорност на САД.

„Ние можеме да ја гаѓаме неговата опрема како што сакаме“, вели Ендрју Џ. Таблер, експерт за Сирија во вашингтонскиот Институт за блискоисточна политика.

Недостигот од брза акција по твитот на Трамп, сепак, можеше да придонесе да се добие перцепција дека Белата куќа не е синхронизирана. Ова се случуваше по седмицата во која претседателот прво притискаше за брзо повлекување на американските сили од Сирија - а веднаш потоа разлутено се согласи со своите генерали, кои тврдеа дека војниците треба да останат во земјата уште неколку месеци за да ги обучат локалните сили и да ги стабилизираат сириските градови ослободени од Исламска држава.

Претседателот изгледаше слично збунет минатата недела, кога го обвинисвојот претходник Барак Обама за наводниот гасен напад на сириската влада во предградието на Дамаск.

„Ако претседателот Обама ја преминеше својата сопствена црвена линија во песокот, сириската катастрофа ќе завршеше многу одамна! Животното Асад ќе беше историја“, напиша Трамп на Твитер пред една недела.

Асад, а не Обама, беше тој што ја премина црвената линија на претседателот со употребата на хемиско оружје во 2013 година. Обама тогаш се воздржа од ракетен напад против Сирија, добивајќи масовни критики од оние што рекоа дека со тоа ги охрабрил и Асад и Русите.

Ако зборовите на Трамп за Сирија се поцврсти од неговите акции, со Кина е обратно. Администрацијата и Кина си воведоа царини во својата трговска конфронтација. Официјалните претставници како Роберт Лајтизер, трговскиот претставник на САД, и Питер Наваро, директор на Советот за национална трговија во Белата куќа, изгледа дека се спремни за долга битка.

Но Трамп радосно го граба секој знак за помирување од Кинезите. Кога господинот Си во својот говор вети дека ќе ги намали ограничувањата на финансиските услуги, ќе ја заштити интелектуалната сопственост и ќе дозволи странски инвестиции во автомобилската индустрија, Трамп му се заблагодари на Твитер за неговите „љубезни зборови за царините и автомобилските бариери... исто така, и за неговата просветленост за трансферот на интелектуалната сопственост и технологијата“.

Тонот на господинот Си секако беше љубезен. Но кинеските експерти рекоа дека неговите предлози не се ништо ново и се познати од трговските преговори спроведени за време на администрацијата на Обама. Тоа се истите разговори за кои Трамп и неговите помошници велат дека не произвеле ништо за американските компании и што го изложија Трамп на истото обвинение што тој го изнесе против своите претходници - дека ги голтнал празните ветувања на Пекинг.

„Твитовите на Трамп укажуваа дека логиката му е 'подобро нешто отколку ништо'“, вели Еван С. Медеирос, кој му беше советник на Обама за Кина. „Пробуваше ли да си создаде простор за да прогласи победа? Затоа што јас не можам да замислам кинеските јастреби или трговските јастреби да го прифатат тоа“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top