Уапсен човек што трчал по авион и викал по пилотот да го причека

Полицијата на аеродромот во Даблин уапси маж што истрчал од терминалот кон авион на чиј лет задоцнил и почнал да вика по пилотот да го почека..

Инцидентот се случил рано наутро околу 7 часот по локално време, објави Би-би-си.

Само неколку минути претходно човекот удирал по прозорците на терминалот и побарал од персоналот да го задржи авионот. Како што стои во соопштено од страна на персоналот, во еден момент тој, едноставно, истрчал од аеродромската зграда и со полна брзина тргнал кон авионот. Притоа успеал да дојде до авионот пред полицијата да го запре и почнал да вика по пилотот да го причека. Набргу пристигнале два полициски автомобила и полициско комбе по што упорниот патник бил уапсен и сепак не успеал да се качи на авионот за чиј лет задоцнил 21 минута.

Од даблинскиот аеродром преку соопштение објаснија што се случило.

„Маж и жена задоцнија на летот на ‘Рајанер’ кон Амстердам, односно во делот за качување на патници пристигнаа кога качувањето веќе беше завршено. Тие почнаа да се расправаат со персоналот на ‘Рајанер’, а машкиот патник видно се вознемири. Тој удираше по прозорците и се обиде да го запре авионот. Успеа да се провлече низ вратата и се стрча кон авионот со цел да му сигнализира на пилотот да не полетува. Најпрвин човекот беше совладан на пистата од персоналот на ‘Рајанер’, а потоа пристигна и полицијата, која веќе беше известена. Човекот беше приведен во полициска станица на аеродромот“, се наведува во официјалното соопштение од аеродромскиот персонал.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top