Уапсен полицаец поради насилната смрт на Џорџ Флојд во Минеаполис

Еден од четворицата полицајци инволвирани во апсењето на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина во Минеаполис кратко време потоа, е уапсен..

Дерек Чавин бил уапсен денеска во Минесота, објави „Стар трибјун“, најголемиот весник во оваа сојузна американска држава. Сè уште нема информации за тоа за што се товари уапсениот.

Дерек Чавин, сега веќе поранешен полицаец, одговорен за смртта на Флојд, се соочува со 18 пријави против него, соопшти полицискиот оддел во Минеаполис, а пренесе Си-ен-ен.

Не е познато за какви пријави станува збор, а самата администрација не достави дополнителни детали.

Чавин беше отпуштен од полициската служба заедно со уште тројца други полицајци кои биле присутни на апсењето.

Џорџ Флојд почина во понеделникот. Неговата средба со полицијата ја снимил случаен минувач. На снимката, Флојд лежи со лицето свртен кон земја, на рацете има лисици и моли за помош повторувајќи дека не може да дише, пред да престане да се движи.

За цело време, полицаецот со колено го притиска во пределот на вратот.

Сè започнало кога вработен во продавница повикал полиција бидејќи Флојд наводно се обидел да плати со лажна банкнота од 20 долари.

Поради насилната смрт на Флојд во Минеаполис се случија и жестоки протести во кои беа уништени голем број продавници, поради што беше прогласена вонредна состојба, а немирите се раширија во Чикаго, Лос Анџелес и во Мемфис.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top