Убиецот на Нешковски е во самица, откако избега од затвор?

Убиецот на Мартин Нешковски, специјалецот на МВР Игор Спасов се наоѓа во самица во затворот Идризово..

Причината се уште се спори. Од затворот Идризово велат дека Спасов не  бил во бегство како што се шпекулираше во дел од медиумите, туку поради прекршување на дисциплинските правила на казнената установа – информираат од КПУ Идризово. Управата на затворот демантира и дека Спасов бил префрлен во отворено одделение. 

„Осуденото лице Игор Спасов се наоѓа на издржување на казна затвор во КПУ-КПД Идризово, а истиот е сместен согласно третманот во Затворениот дел на Установата“ - КПУ-КПД Идризово
Од друга страна, директорот на Управата за извршување санкции Стојановиќ вели дека од службите е известен дека имало напуштање на затворот од Игор Спасов и дека тој се наоѓал во отвореното одделение. Бегството го демантираат од затворската полиција.

„Дадов потврда со сигурност дека осуденото лице Игор Спасов ниту побегнал ниту е во бегство, Игор се наоѓа во установата. Се наоѓа во самица поради сторен прекршок во дисциплината на установата“, вели Антонио Стојчевски – Претседател на синдикат на затворска полиција
Лиферувањето на ваквите информации, според синдикатот, имаат цел да ја омаловажат затворската полиција, а прстот го вперија во врвот на Управата за извршување на санкциите.

„Можам да кажам и дека знаеме од каде доаѓа, доаѓа од врвот на Управата за извршување на санкции  поточно од директорот, бидејќи во моментов е во процедура  изработка на предлог-верзија на законот за затворска полиција во кој предлог-закон се исправаат  многу неправди нанесени кон затворската полиција и вакви вести се со цел  да се оцрни и омаловажи пред се затворската полиција“, вели Антонио Стојчевски – Претседател на синдикат на затворска полиција
Директорот на Управата, Јовица Стојановиќ во телефонски разговор за телевизија 24 ја демантираше изјавата на Стојчевски и вели дека не се работи за никаква хајка.

„Работењето на Управата е максимално транспарентно. Не е вистина дека има таква хајка. Точно е дека имаме работни групи за нов Закон, но синдикатот учествува во неговата подготовка, а претставниците на синдикатот изгледаа задоволни од договорените точки“, вели Јовица Стојановиќ – Директор на Управата за извршување на санкции

Стојановиќ додава дека не знае што точно се случило во Идризово, но вели дека побарал да се истражи случајот со Спасов и вети дека јавноста ќе го добие извештајот кога ќе биде готов. Игор Спасов, издржува затворска казна од 14,5 години за убиството на младиот Мартин Нешковски. Убиството се случи на прославата по изборите во 2011 година откако Нешковски се обидел да се ракува со Никола Груевски. Тогашното раководство на МВР се обиде да го прикрие убиството, но по бурните реакции во јавноста, Спасов беше изведен пред суд и осуден за убиство со умисла.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top