Убиениот словачки новинар се подготвувал да објави напис за италијанската мафија

Словачката полиција ги истражува можните странски врски со убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата девојка и во контакт е со безбедносните служби на Чешка и Италија, изјави денес шефот на полицијата Тибор Гашпар..

Гашпар кажа дека од понеделникот полицијата испрашала околу 20 лица и работи на различни теории, вклучувајќи ја и можноста Куцијак да бил убиен поради својата работа.

„Разоваравме прво со Чешка. Нема да зборувам за деталите, но постои поврзаност, случајот се протега и во Чешка. Нормално, разговараме со Италија, врз основа на сѐ што имаше во медиумите сите можат да заклучат зошто“, кажа Гашпар.

Тој кажа и дека европската полициска агенција Јуропол понудила стручна помош околу анализата на мобилните телефони. Додаде дека се анализирани снимките од камерите. На заедничката конференција за медиумите тој зборуваше со премиерот Роберт Фицо, кој го повтори својот повик до јавноста да помогне со информации.

Во Словачка, земја со околу 5,4 милиони жители, убиството повторно го наметнува прашањето за корупцијата поради што во јуни минатата година протестираа голем број млади луѓе, барајќи оставки од левичарската влада на Фицо.

Транспаренси интернешнал неодамна Словачка ја стави на 7-то место на најкорумпираните држави во ЕУ. Убиството на новинарот веднаш силно го осудија лидерите на ЕУ и на меѓународните организации.

Како што пишува словачкиот дневен весник СМЕ, Куцијак се подготвувал да објави напис за можните политички врски на италијанските бизнисмени кои се осомничени за поврзаност со калабриската мафија Ндрагета, која дејствува и во Словачка. Британскиот новинар Том Николсон, кој работел на истите случаи како и Куцијак, изјави дека „во секој случај на словачките тајни служби им се познати имињата на гангстерите“.

„Словачкиот организиран криминал никогаш не се решил на убиство на новинар, но италијанските мафијаши немаат такви скрупули“, кажа Николсон.

Во Братислава од понеделникот вечерта се собираат стотици луѓе за да запалат свеќи за убиениот новинар, а слично собирање беше одржано и во чешката престолнина Прага. Двојното убиство, според полицијата, било извршено меѓу четвртокот и неделата. Куцијак бил убиен со куршум во градите, а Кушнирова со куршум во главата.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top