Украинска телевизија погодена со ракета по најавеното интервју со Путин

Седиштето на една украинска телевизиска станица во Киев е нападната со рачен ракетен фрлач по најавата на телевизијата дека ќе емитува документарец со интервју на рускиот претседател Владимир Путин, јавија денес украинските власти..

Нападот се случил синоќа, никој не бил повреден, но е оштетена фасадата на зградата на телевизијата „112 Украина“, соопшти полицијата.

Ракетниот фрлач бил оставен кај зградата.

Украинската безбедносна служба (СБУ) започна истрага, а полицијата во Киев е во потрага по напаѓачот.

Претседателот на телевизијата „112 Украина“ Егор Бенкендорф во соопштението го повика претседателот на Украина Володимир Зеленски веднаш да го осуди тоа „кривично дело“ и јасно да нагласи дека никој не смее да користи насилство врз медиумите.

Сопственикот на телевизиската станица е прорускиот пратеник Тарас Козак. Телевизија пред неколку дена добила предупредување од украинското обвинителство по објавената намера да емитува документарен филм на американскиот режисер Оливер Стоун за Украина во кој е и интервјуто со Владимир Путин.

Во четвртокот, главниот украински обвинител Јуриј Луценко рече дека сите лица одговорни за емитувањето на овој „филм на руска пропаганда“ ќе бидат повикани на сослушување.

Телевизијата вчера изјави дека добила директна закана за напад од ултранационалистичките организации.

По нападот телевизијата соопшти дека го откажува емитувањето на документарниот филм, најавен за вторник, надевајќи се дека ќе избегне судење и казна од властите.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top