Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово прослави 12 години од постоењето

Станува збор за Универзитет во кој е формиран првиот Технолошки парк во Македонија.

Универзитетот на Југоисточна Европа, денеска одбележа 12 години од основањето. На свеченоста на универзитетот присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој рече дека УЈИЕ е една од најреспектабилните високообразовни институции во Македонија и регионот и дека визијата на раководството е да образува високостручен кадар, преку следење и имплементирање на реформите во образованието, со квалитетна настава и со развој на научно-истражувачката дејност.

 
„Станува збор за Универзитет во кој е формиран првиот Технолошки парк во Македонија, Универзитет што инвестира во научно-истражувачката дејност и секоја година продуцира се поквалитетен кадар. За поздравување е и податокот дека 30 отсто од студентите што годинава се запишале одбрале да студираат на англиски јазик, што е податок со кој секој универзитет во светот ви сакал да се гордее“, рече Ристовски, и додаде дека со рангирањето што го направи Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет во 2011 година, овој универзитет беше на второ место од 19 високообразовни институции во Македонија.

Ректорот на Универзитетот Замир Дика истакна дека овие 12 години покажале дека глобализацијата не е само феномен што треба да се следи, туку ако се соработува и се прифаќаат меѓународните стандарди, и Универзитетот на Југоисточна Европа Може да креира вредности што се компаративни со меѓународните.

„Нашата инвестиција во интернационализацијата на Универзитетот на Балканот се покажа како вистинска визија, зошто денес тоа е клучниот збор за секој универзитет кој има за цел да ги прошири своите амбиции на глобално ниво“, рече Дика.

Досега на Универзитетот дипломирале околу 8 500 студенти, а оваа година настава следат 5 000 идни дипломци, магистранти и доктори на наука. Освен во Тетово, УЈИЕ има дисперзирани студии во Скопје.

Повеке фотографии погледнете овде:


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top