Утре ново рочиште за „ТНТ“ - Даути со последен обид до Судскиот совет

Последен апел на адвокатот Мерџан Даути до Судскиот совет. Тој апелира до судскиот совет да престане да постапува своеволно и утре на рочиштето за ТНТ да се донесе одлука со која ќе завладее правото..

„Во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никави притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото. Молкот е најлоша опција. Премолчувањето на незаконските постапки и вас директно ве прави сооучесници во истите. Донесете било каква Одлука но не молчете! Не секогаш молчењето е злато, во овој случај молчењето е одобрување на незаконско работење“, вели Мерџан Даути – адвокат.

Даути обвинува за двојни аршини во начинот на различно постапување на Кривичен суд во врска со судиите поротници во случајот Ласкарци и ТНТ.

„Вие сте орган кој е формиран да обезбеди функционирање на судовите согласно Закон и Устав. Дали сеуште ќе молчите за: – Различниот начин на постапување на Кривичниот суд во врска со поротничките во случајот ,,Ласкарци,, и ТНТ – Непочитување на законот на ЗКП пред се поради недавање на записници од судски рочишта и назначување на адвокати по службена должност“, вели Мерџан Даути – адвокат.

Во предметот ТНТ, за уривање на објектот Космос на Фиат Цаноски атмосферата стана тензична токму во моментите кога судењето стигна до крај и кога адвокатите разбраа дека на судијата поротник Лилјана Ивановска Кочковска и истекува мандатот на 24 декември. Адвокатот на Тони Трајковски, Јовица Страшевски и се “закани“ на судијката поротник да не се појавува на судењето за ТНТ бидејќи така ќе стори кривично дело. Двајцата адвокати , и Страшевски и Даути беа пријавени во Адвокатската комора од страна на Кривичен суд. Страшевски за заканите до судијката поротник, а Даути за одолговлекување на постапката барајќи сите извештаи да се преведат на албански јазик според Законот за јазиците. Во ТНТ се обвинети екс премиерот во бегство Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс градоначалникот на Гази Баба, Трајковски и други 4 вработени од општината.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top