Утре во собрание средба за координативното тело за помирување

Парламентарната група на ВМРО ДПМНЕ и партиските органи ќе се координираат за делувањето во втората фаза на уставните измени..

По најавите на Христијан Мицкоски дека очекува жестока расправа по уставните измени, од неговата партија сметаат дека е потребна целосна партиска координација за нивен заеднички став.

Парламентарните групи во Собранието ќе се координираат за методологијата на работа на можните членови кои ќе бидат дел од координативното тело за помирување. ВМРО ДПМНЕ е со бетониран став дека нема да биде дел од ова Комисија се додека не се прифати Законот за амнестија за 27 април и се додека со оваа Комисија раководи, според нив, нелегитимен претседател на Собранието.

„Се разговара за конечниот состав на групата. Верувам дека после координацијата ќе има подетални информации за ова прашање и верувам дека во наредните денови ќе се определи и конечниот состав на Комисијата за да можеме да разговараме за идејата за помирување внатре во Собранието и пошироко во Македонија“. Изјави, Талат Џафери, претседател на Собранието

Предлог амандманите за уставните измени на 7 ноември ќе се најдат пред пратениците во Комисијата за уставни прашања. Парламентарното мнозинство ги повика сите пратеници да се вклучат во расправата и очекува на конечното гласање во првата половина од јануари 2019 година да се зголеми бројот на пратеници кои ќе ги подржат измените. Досега, освен осумината исклучени пратеници кои гласаа за потребата за уставни измени, од опозициската коалиција замина и пратеникот на ГРОМ, Панчо Минов.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top