Вакцината за туберкулоза спасува од коронавирус, можно ли е тоа?

Во медиумите се дискутира околу прашањето за тоа дали вакцината за туберкулоза може да ги заштити луѓето од коронавирусот:.

Агенциите BloombergReutersDaily Mail и The New York Times пишуваат за бесеже вакцината (вакцина бацил Калмет-Герин) која во светот е широко распространета веќе цел еден век, и за изненадувачките информации дека таа може да биде оружје против пандемијата со COVID-19.

Во цела Русија оваа вакцина е задолжителна за сите деца од 3 до 5 години (доколку нема контраиндикации). Може ли со тоа да се објасни фактот што во Руската Федерација сè уште нема толку многу заболени?

Од каде потекнуваат ваквите податоци за врската помеѓу бесеже вакцината и коронавирусот?

За првпат оваа врска е спомената во истражувањето на соработникот на американскиот Колеџ за остеопатска медицина. Имено, на 28 март на сајтот MedRxiv се појави репринт на нивната статија каде се укажува на разликата помеѓу смртноста од коронавирусот во земјите каде бесеже вакцината е задолжителна и земјите каде оваа вакцина се дава по желба или воопшто не се дава. Во вториве земји смртноста е триесет пати поголема.

Според верзијата на авторот на статијата, со ова се објаснува од каде е толку големата разлика во показателите помеѓу Шпанија и Португалија. Во Шпанија смртноста е далеку поголема, а таму програмата за задолжителна бесеже вакцинација е запрена во 1981 година. Во Португалија е запрена дури во 2017 година. Истото важи за територијата на некогашната Источна Германија, каде вакцинацијата беше задолжителна и каде смртноста сега е помала одошто на територијата на некогашната Западна Германија.

За каква вакцина станува збор?

Тоа е единствената сертифицирана вакцина против туберкулоза. Неа секоја година ја примаат 130 милиони луѓе во целиот свет. Ако за просек се земе состојбата од 2018 година, оваа вакцинација се спроведува во 153 земји во светот. Во развиените земји е делумна (само за децата од ризични групи) или воопшто не се врши поради мошне нискиот процент на заболени од туберкулоза. САД и Франција, на пример, никогаш немаат спроведувано масовна бесеже вакцинација.

Сепак, во целиот свет секоја година од туберкулоза умираат околу 10 милиони луѓе. Поради тоа вакцинацијата е сè уште задолжителна во земјите со висок ризик. Конкретно, задолжителна е во Бразил, во Русија, во Индија, во Кина и во Јужна Африка. Оваа вакцина не гарантира апсолутен имунитет, но нуди заштита во 60 до 80% од случаите.

Кој ја има откриено вакцината? Дали е навистина создадена во СССР?

СССР е првата земја во која оваа вакцина станала задолжителна за сите државјани, но настанала во Франција во 1919 година. Ја имаат направени научниците Алебр Калмет и Камиј Герин, користејќи разблажен исцедок на тип кравји бацил на туберкулоза. Калмет во 1925 година ја предал вакцината на советските научници за да ја усовршат, а потоа тие ја докажале нејзината ефикасност. Три години подоцна вакцината ја прифатило Друштвото на народите.

Дали вакцината штити и од други болести?

Одамна се вршат вакви истражувања. Во овој момент се смета дека бесеже има заштитен ефект кај 20% од случаите на лепра. Се применува во имунотерапијата на карцином на мочниот меур, а до 2015 година се сметаше дека оваа вакцина е ефикасна и во борбата против Барули чирот.

Може ли да помогне и во случајот со COVID-19?

Потребно е да се извршат барем истражувања на фокус-групи. Во март се дозна дека вакви истражувања ќе бидат извршени во Австралија, во Холандија, во Германија и во Грција. Сепак, веќе е присутна голема доза скепса кога станува збор за ефикасноста на бесеже вакцината во случајот со коронавирус. Ако оваа теорија е точна, зошто имаше толку заразени во Кина, каде бесеже вакцината е задолжителна?

Траењето на дејството на бесеже вакцината не е прецизно установено. Се смета дека таа во целосна мерка е активна 10-15 години, по што нејзиниот ефект ослабува, и тоа доколку станува збор за вакцинација на дете. Вакцинирањето на возрасни луѓе може да има прилично слаб ефект.

Авторите на истражувањето за врската помеѓу бесеже вакцината и болеста COVID-19 и самите обрнуваат внимание на следново: „Различни земји имаат различни временски рамки на бесеже вакцинација и користат различни типови бактерии“. Никој не се занимавал со истражување на прашањето кој тип е поефикасен во спречување на ширењето на инфекцијата.

Што велат руските лекари?

„Бесеже вакцинацијата е еден од начините да се стимулира имунитетот. Во определени состојби тоа навистина помага. Но, за да се оцени тоа потребни се квалитетни клинички истражувања“, вели фармакологот Николај Коробов, доцент на Факултетот за фундаментална медицина при Московскиот државен универзитет.

Сè на сè, можниот ефект на вакцината против COVID-19 во Русија засега не е прифатен во стручните кругови.

„Пренесувањето на инфекцијата по аероген пат е единственото заедничко што го имаат коронавирусот и туберкулозата. Сето останато е нечија фантазија“, смета главниот физијатар на Санкт Петербург, примариус на Градскиот туберкулозен диспанзер Александар Пантелеев. „Бесеже вакцината штити најмногу 10 години. Кај возрасниот организам таа веќе по дефиниција не е жива, и затоа е несериозно да се зборува дека е создаден определен имунитет на коронавирусот. Покрај тоа, станува збор за сосема различни типови инфекција. Воопшто не е јасно кој механизам би можел да дејствува во обата случаи“.

Но, дури и ако се претпостави дека бесеже вакцината е делотворна, во скоро време не треба да се надеваме на неа. „Потребно е многу време по вакцинацијата да се развие имунитетот. Мала е веројатноста дека оваа вакцина ќе помогне во овој момент“, смета имунологот Владимир Болибок.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top