Вардар го фали цела Европа, секоја земја со убав збор за своите играчи

Цела Европа го фали Вардар по синоќешната победа во финалето од фајнал-фор турнирот од ракометната Лига на Шампиони против Веспрем во Келн, а секоја земја ги истекнуваше посебно своите интернационалци од црвено-црниот тим од „Јане Сандански“..

- Секоја чест на моите момчиња. Тие покажаа дека дури и во најтешките моменти знаат да се борат за боите на нивниот клуб. Тие се вистински борци и шампиони", рече вардаровиот тренер Роберто Гарсија Парондо, кој е вториот во историјата на ракометот кој освен Талант Душебаев може да се пофали дека станал европски првак и како играч и како шеф на стручен штаб.

„Се бореше со економска несолвентност, ги надмина сите очекувања кај другите, но откако ги победи големите Барселона и ПСЖ пред две години, не би можеле да зборуваме за изненадување. Тој збор за македонскиот великан не важи. Пркосејќи им на сите можни тешкотии, неисплатените плати, црната иднина, губењето на играчите пред и во текот на сезоната и големиот број на повреди, Вардар дојде до Келн, и повторно демонстрираше ментална цврстина и тактички квалитети  Гарсија Парондо е дебитант на челото на еден елитен тим, но тој станува нова икона на шпанската тренерска школа“, пишува шпанска „Марка“.

Хрватски „Индекс“ објави наслов „Гордоста на Македонија се распадна, но за крај предводен од Хрватите ја покори Европа“.

„Победија со стил, а чудо беше како ли успеаја да дојдат до финалето. Во Вардар со месеци не примаат плата и пред распаѓање е чудесна генерација на ракометари. Речиси сите играчи го напуштаат Вардар и одат во други клубови од наредната сезона, не затоа што сакаат, туку затоа што требаше да ја продолжат успешната кариера. Игор Карачиќ и Иван Чупиќ ја одиграа најважната улога за македонскиот шампион за последен пат. Секоја акција започнуваше со Карачиќ. Полу-финалето против Барселона вчера го одигра под температура, и на крајот на натпреварот имаше проблеми со коленото, но сепак играше денес и во финалето против Веспрем ја освои неговата втора европска титула со Вардар. Беше прогласен и за најдобар играч. Карачиќ си оди по овој натпревар. Тој потпиша за Кјелце. Европските гиганти веќе ги собраа сите најдобри играчи на Вардар“, пренесува „Индекс“.

Словенечки „Дневник“ пишува дека Сташ Скубе од Требње е деветиот Словенец во историјата кој триумфирал во 26-годишната историја на најелитното европско ракометно натпреварување.

„Вардар ниту еднаш не беше во негатива, водеше целиот натпревар, а свој придонес во овој успех имаше и Скубе, кој во Ланкес Арена постигна четири гола и во исто време совршено ја организираше играта на македонскиот тим“, пренесува „Дневник“.

Германски „Спорт1“  вели дека Кристијан Дисингер триумфира со Вардар и му се исполнил сонот.

„Дисингер (27), кој се пресели од Кил во Скопје во октомври 2018 година за прв пат се скраси со најважниот европски ракометен трофеј. Додека капитенот на националниот тим на Германија, Уве Генсхајмер, два пати ја имаше оваа можност со Пари Сен Жермен во последните три години на фајнал-фор, но не успеа“, коментира „Спорт1“.

„Sportacentrs“ објави наслов „Криштопанс го предводеше Вардар во европски триумф“. Најрелевантното спортско издание од Летонија коментира дека противникот немал решение за овој балтички џин, кој за прв пат ја освојува Лигата на Шампионите со Вардар, бидејќи не беше дел од победничката екипа во 2017. Нагласи дека тој постигна четири гола во финалето и сезоната ја завршува со 94 погодоци, што го прави втор најдобар во целата лига, веднаш зад Алекс Душебаев со 99 голови за Кјелце.

Српски „Спортске“ пишува дека скопјаните го воспоставиле својот ритам од самиот почеток на натпреварот, така што Унгарците не успеаа да израмнат до крајот на натпреварот.

„Насловот европски шампион го освои српскиот голман Дејан Милосављев, кој беше именуван за најдобар голман за оваа сезона во Лигата на шампионите. Фановите на Вардар излегоа на улиците на Скопје и славеа победа“, гласат импресиите на овој медиум.

И во Русија „Спорт Експрес“ објави дека претседател на клубот е Сергеј Самсоненко и дека пет ракометари на руската репрезентација станаа победници во Лигата на шампионите - Тимур Дибиров (најдобар лев бек на турнирот, постигна три гола во финалето), Даниел Шишкарев (погоди еднаш во финалето), Глеб Калараш, Дмитриј Кисељев и Сергеј Горбок.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top