"Вашингтон е на потег": Кој би рекол дека Путин вака ќе го испофали Трамп?

Владимир Путин порачал дека очекува претседателот на САД, Доналд Трамп, да го исполни предизборното ветување за подобрување на односите со Москва, и истакнал дека Русија е подготвена за тоа.

Во емисијата која денес се емитувала на "Росија-1", Путин рекол дека Трамп ги исполнува ветувањата кои ги дал во текот на предизборната кампања, а дека едно од нив било дека ќе ги подобри односите на САД и Русија, пренесува "Tass". 

"Се надевам дека тоа ќе се случи, барем ние сме подготвени за тоа, и мислам дека топката е во дворот на САД", нагласил рускиот претседател.

Тој оценил дека средбите со Трамп на маргините на форумите се корисни, но дека се потребни одвоени разговори.

Запрашан какви резултати може да се очекуваат од разговорите со Трамп, со оглед на тоа дека американскиот претседател во извесна мерка е "заложник на политичките процеси на САД", Путин изразил надеж дека "дијалогот со него може да биде конструктивен", наведува руската агенција.

"Кога станува збор за комуникацијата со американскиот претседател, иако неговите постапки се критикувани, посебно во последно време, и на меѓународна и во економската сфера, моето искуство ми вели дека тој, на крајот на краиштата е внимателна личност која знае да слуша и која одговара на аргументите на соговорникот", рекол Путин.

Рускиот претседател заклучил дека сето тоа му дава основа да верува дека дијалогот со Трамп може да биде конструктивен.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top