Вашингтон и Брисел со идентична порака:Излезете на референдумот и гласајте

Вес Мичел, побара од лидерот на опозицијата да ги охрабри граѓаните да излезат и да гласаат на претстојниот референдум, клучен за иднината на државата. Високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини, порача дека клучот на евроинтергациите сега е кај граѓани.

Двајца високи претставници на САД и ЕУ во ист ден во официјална посета на Македонија, со идентична порака и поддршка за претстојниот референдум. Помошник државниот секретар на САД, Вес Мичел, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини имаа одделни средби со државно - политичкиот врв на кои ги пренесоа ставовите на официјален Вашингтон и на Брисел околу референдумот и очекувањата околу иднината на Македонија.

Државниот секретар Мичел на средбите потенцирал дека Македонија ја има целосната поддршка од САД во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ и во НАТО.

„ Во врска со референдумот, тоа е одлука која само Македонците можат да ја направат. Македонија долго време беше на патеката кон Западот и сите Македонци треба да ја искористат својата слобода, но исто така да почувствуваат одговорност и да излезат да гласаат. Ова е историска можност и пат кон НАТО и ЕУ, а гласот на граѓаните треба да биде слушнат. САДја поддржува Македонија во овој процес, бидејќи и Америка сака да ја види вашата земја стабилна, безбедна и перспективна“, рече Мичел.

Во кусиот престој во Скопје, тој се сретна со премиерот Заев, спикерот Џафери и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски од кого побара да излезе со јасен став околу референдумот и да ги повика граѓаните да излезат и да гласаат.

„Пораката до Мицкоски беше иста како на сите мои средби. Бев јасен дека САД ја гледа Македонија како многу значаен пријател и сојузник. Го повикав да биде јасен и да ги охрабри Македонците да излезат и да гласаат“, изјави Мичел.

Премиерот Заев пак, на заедничката прес конфереција изјави дека посетата на Мичел е силно охрабрување за следниот историски чекор, а тоа е успешен референдум.

„Секоја голема одлука е резултат на компромис, но во нашиот случај, тој компромис е исчекор напред кој ќе ни овозможи членство во ЕУ и НАТО“, рече Заев, додавајќи дека поддршката од САД е знак дека Македонија е на вистинскиот пат.

Високиот претставник на ЕУ, Могерини пак, кажа дека Владата постигнала многу и тоа во кус период.

„ За една и пол година постигнавте многу и Владата испорача резултати. Договорот со Грција е еден од нив. ЕУ тоа го препозна и даде датум за преговори“, рече Могерини.

Таа нагласи дека вратите на ЕУ за Македонија се отворени, но клучот е кај граѓаните кои сега одлучуваат за иднината на државата но и на идните поколенија.

„Мојата порака до граѓаните е кога ќе излезете на 30 ти Септември и ќе гласате на референдумот, вие ги држите клучевите од иднината на Вашата држава. Во ваши раце се и само во ваши. Никој друг не може тоа да го направи наместо вас. Не може да останене неми и да ја пропуштите можноста да кажете каква иднина сакате за вашата држава. Бидете сигурни дека кога ќе се разбудите наредниот ден, ќе бидете гордни на изборот кој го направивте за вашата држава, за себе и за вашите деца“, потенцираше Могерини.

Претседателот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со Могерини изјави дека партијата останува на свјот став, секој граѓанин сам да одлучи дали ќе гласа и како. Мицкоски не кажа дали тој ќе излезе да гласа.

„Нашиот став е изграден и потврден од телата на партијата .Одлуката мина низ сите највисоки тела на партијата. ВМРО - ДПМНЕ го кажа својот став и нема промени во истиот“, рече Мицкоски.

Без промена во ставот и кај претседателот на државата, Ѓорге Иванов. По средбата со Могерини во вилата на Водно, од неговиот кабинет испратија соопштение во кое е наведено дека на средбата со претставникот на ЕУ, повторил дека членството во ЕУ и НАТО не смее да биде алиби за лош договор со Грција кој ќе отвори многу нови прашања.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top