Веќе е јасно кога ќе почне Брегзит

Британската влада веќе е свесна кога ќе го активира процесот на Брегзит..

Тоа најверојатно ќе се случи на самитот на ЕУ на 9 март во Малта, каде премиерот Тереза ​​Меј ќе ги извести европските лидери дека го активира член 50 од Лисабонскиот договор, со што ќе започне 2-годишната постапка за напуштање на блокот, објавија англиските медиуми.

Владата ќе го покрене законот во британскиот парламент до 7 март, а 2 дена подоцна Меј ќе го објави почетокот на Брегзит.

„Тоа е разумен план. Економијата се покажа посилна отколку што предвидуваа повеќето песимистички прогнози“, изјави пратеникот од конзервативците Доминик Рааб.

„Премиерот има подготвено детален и позитивен план за Брегзит, кој ужива сериозна јавна поддршка. Сега е време да се започне сериозна дипломатија за да обезбеди најдобар договор за Велика Британија“, посочил Рааб.

Минувањето во парламентот е потребно по одлуката на Врховниот суд. Предлог-законот прво треба да помине во Домот на општините и откако ќе биде одобрен, ќе премине кон горниот дом - оној на лордовите.

Иако жестокото противење на некои проевропски настроени пратеници, британскиот министер за Брегзит , Дејвид Дејвис ги повика пратениците да не се противат на законот во пресрет на дебатата.

„Ова не е закон дали Велика Британија треба да ја напушти ЕУ, туку како да го направи тоа. Тоа е едноставно решение што веќе е донесено, точка од која нема враќање назад. Ние ги прашавме луѓето од Обединетото Кралство дали сакаат да ја напуштат Европската унија. Тие одлучија дека сакаат“, посочи Дејвис.

Лидерот на лабуристите Џереми Корбин вети дека нема да го блокира законот за заминувањето од ЕУ. Но тој поднесе бројни измени во него, вклучувајќи и такви што се противат на можноста Британија да стане даночен рај.

„Ја почитуваме волјата на британскиот народ, но не и онаа на конзервативната влада да воведе помалку права на работното место и полоши јавни услуги, а најголемите корпорации да плаќаат уште помалку даноци“, истакна Корбин.


Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top