Венецуелската опозиција ќе испрати делегација во Италија

Лидерот на венецуелската опозиција, Хуан Гуаидо, ќе испрати делегација во Италија чија влада е една од неколкуте земји од Европската Унија кои не го поддржуваат самопрогласениот привремен претседател, пренесува „Локал“..

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, изјави дека ќе се состане со тимот во понеделник откако Гуаидо испрати писмо со барање што е можно побрзо да го претстави акциониот план за враќање на демократијата во Венецуела преку слободни и фер избори.

Велика Британија, Франција, Германија и Шпанија се меѓу 20-те земји-членки на ЕУ кои застанаа на страната на Гуаидо откако Мадуро ги игнорираше нивните барања да распише нови претседателски избори до 3 февруари.

Но, обидот да се засили заедничката позиција на ЕУ  доби вето од Италија, а коалициската влада во Рим е поделена околу тоа како да се справи со кризата во Венецуела.

Салвини, кој ја предводи десничарската популистичка партија Лига, повика на нови избори во Венецуела, бидејќи, според него, „сите комунистички режими мора да бидат избришани од земјата”. Но, коалицискиот партнер Движењето пет ѕвезди не сака да го поддржи Гуаидо.

„Количеството демократија што луѓето се обидуваат да го извезат во некоја земја секогаш е директно пропорционално на тоа колку нафта има во таа земја … човек мора да биде силен за да остане неутрален”, изјави високиот член на M5С, Алесандро ди Батисти.

Гуаидо испрати барање и за разговори со лидерот на М5С, Луиџи ди Мајо, но тој не одговори веднаш на барањето. Италијанскиот претседател Серхио Матарела во понеделникот ја повика Италија да покаже одговорност и јасност во заедничката позиција со сојузниците и партнерите од Европската Унија.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top