Вевчанскиот карневал и годинава критички настроен кон нашата реалност

Вевчани е единствената општина во Македонија која има и свој пасош како и своја валута, познатите личници кои се делеа на сите кои денеска дојдоа во селото..

Договорот со Бугарија, барањето на Македонската православна црква за БПЦ да и биде мајка, Нова, Горна и Северна Македонија, загадениот воздух, двојазичноста, ЛГБТ заедницата, патните трошоци на пратениците, премиерот Зоран Заев, министерката Радмила Шеќеринска и ликот на Доналд Трам беа само дел од стотината маски кои денеска се појавија на Вевчанскиот карневал. Во Вевчани можеа да се слушне и македонскиот и албанскиот јазик како дел од креативноста на вевчанци за исмејување на актуелните општествени и политички случувања во државата.

„Оваа маска претставува каква ќе ни биде Македонија во иднината. Или ќе има марсовци или ќе владеат некои втори или трети. Ние сме решени дека ќе се вика лифиџ Македонија“, вели едно маскирано лице.
Карневалското дефиле започна со традиционалните маски, зетот и невестата, музичарите, Глупи Aвгуст и ѓаволите. Годинава настанот го проследија голем број на домашни и странски туристи, но и политичари и амбасадори. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски рече дека Вевчанскиот карневал претставува вистински носителот на критичката мисла и отпор.

„Маските резонираат и со новите владини политики. Тие се критични и отворени и го шират она за што ние се залагаме како принцип, демократизација на културата, општеството и воопшто создавање нови хоризонти на критичката култура“, изјави Алаѓозовски.

Вевчанскиот карневал кој последните години добива на масовност се претпоставува дека е стар околу 1.500 години. По традиција вечерва се оди на Вевчанските извори, а утре рано наутро се палат годинешниве маски по што вевчанци започнуваат со подготовките за наредната година.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top