(ВИДЕО) Арсовски: Шекеринска и Димитров да ги објават сите плаќања од министерствата со кои тие раководат

Прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

На повидок е нов скандал овој пат со докази за профитерство на власта во услови на колективна здравствена и финансиска, економска криза. 

Скандалот профитерство на власта открива фрапантни податоци: Додека граѓаните и стопанството во Република Македонија се справуваат со пандемијата со коронавирусот и додека секој денар е важен во таа борба, Владата енормно троши, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„За само 4 дена платени се 8 милиони денари од власта под ставка репрезентации, услуги во ресторани и патувања. Имено, тоа кое вчера го обзнанивме е само врвот од сантата мраз на неодговорното трошење. Тие 8 милиони денари за 4 дена, се потрошени на следен начин, за само 4 дена од 17 до 20 март, во екот на заразата кога стотици граѓани биле заразени и побарале здравствена заштита, кога нема доволно ресурси медицинските лица, кога нема доволно тестови за граѓаните за да се тестираат, биле потрошени 3 милиони 78 илјади и 300 денари на име на репрезентации од страна на функционерите на власта. Функционерите на власта изеле и испиле над 3 милиони денари во време кога ни се случува најголемата здравствена и економска криза. Или ако сакате по денови, 467 илјади денари на 17 март, 710 илјади денари на 18 март, еден милион и 440 илјади денари на 19 март и 459 илјади денари на 20 март.

Дополнително не се штедело ниту на трошоци на патувања во земјава и странство. Па така има потрошени вкупно 5 милиони 955 илјади 834 денари или 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници. Речиси 97 илјади евра!

Во ова предничат неколку ресори, како на пример Министерството за надворешни работи на Никола Димитров со 1.457.517 денари и Министерството за одбрана на Радмила Шекеринска со 1.042.398 денари. Само по овие два основи се потрошени 8 милиони денари за само 4 дена! Бидејќи Шекеринска кажа дека не потрошила ниту денар преку министерството, ја повикуваме јавно како и нејзиниот колега Димитров да ги објават јавно сите плаќања од министерствата со кои тие раководат“, порача Арсовски.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top