(ВИДЕО) Асанж уапсен по исфрлањето од еквадорската амбасада

Џулијан Асанж е уапсен, објави агенцијата „Ројтерс“. Претседателот на Еквадор соопшти дека државата го повлекла азилот што му бил додeлен на Асанж..

Веста за апсењето е потврдена и од британската полиција. Полициски службеници, како што пишува „Ројтерс“, биле повикани во еквадорската амбасада кога владата го поништила азилот.

„Џулијан Асанж (47) е уапсен денеска од страна на полициските сили во еквадорската амбасада“, кусо соопштија од британската полиција.

Од „Викиликс“ велат дека Еквадор незаконски го укинал политичкиот азил за Асанж.

Основачот на „Викиликс“ во еквадорската амбасада во Лондон престојуваше од 2012 година.

Асанж најде засолниште во амбасадата во 2012 година за да избегне апсење и екстрадиција во Шведска, каде што е обвинет за силување.

Шведското правосудство во меѓувреме ја отфрли пријавата, но британската влада цело време напоменува дека има намера да го уапси Асанж кога ќе ја напушти амбасадата бидејќи со бегството ја прекршува неговата условна казна.

Асанж во неколку наврати изјави дека стравува од негова екстрадиција во САД, каде што тој би можел да биде обвинет за објавување хакирани владини документи во врска со војните во Авганистан и Ирак.

Неговиот однос со амбасадата се влоши во последните неколку години, а Еквадор минатата година му ја укина интернет-врската.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top