(Видео) Богојески: Господине Груевски, бидете маж и преземете ја одговорноста за поразот на изборите

Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од лидерот на партијата, Никола Груевски, по поразот на локалните избори..

Петар Богојески денеска изјави дека на партијата ѝ треба нова енергија, а не нови избори.

„Жалиме за огромниот пад во поддршката на ВМРО-ДПМНЕ кај граѓаните како резултат на лошото водство. Не прифаќаме вината за тоа да падне на грбот на општинските и месните комитети, а повторно само Груевски да не е виновен. На лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му прилега да ја преземе одговорноста. Господине Груевки, бидете маж и преземете ја одговорноста, бараме веднаш да поднесете неотповиклива оставка од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Богојески.

Според него, иднината на ВМРО-ДПМНЕ е организирање слободен, демократски и обединувачки конгрес за нов демократски статут и избор на нови органи.

„Бараме конгресот да го организира управувачки комитет на ВМРО-ДПМНЕ како привремено тело, а ќе го предводи човек што има персонален интегритет да обединува. Повикуваме на итна средба со Груевски и претставници од извршниот комитет за да ги утврдиме составот, начинот и рокот на дејствување на управувачкиот комитет“, рече Богојески.

Тој во име на реформаторите ги повика сите членови и активисти да изберат меѓу патот на европската иднина што го носат реформите или патот на минатото и пропаста во кој, како што рече, Груевски ја води партијата.

Тој му порача на Груевски дека интересот на ВМРО-ДПМНЕ е во обединување на ВМРО, а не во нови поделби.

„Бараме веднаш да престанат сите закани за исклучување од партијата на кој било член што размислува слободно и демократски. Сега е време за обединување, а не време за нови фронтови. Нема да ви дозволиме да го докрајчите ВМРО-ДПМНЕ“, рече Богојески.

Тој ги повика сите релевантни политички субјекти во земјата да поддржат ново законско решение за дејствување на политичките партии во насока на нивна длабока демократизација за да се овозможи шанса за стабилен политички систем во Македонија.

Богојески најави драстично и пожестоко темпо на реформаторите сè додека не ја демократизираат и реформираат партијата.

Според него, доколку се случат предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ би изгубила голем број пратеници.

Макфакс


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top