(ВИДЕО) Дали знаете дека постојат ајкули што одат?

Во епско 12-годишно истражување меѓународен тим на научници открил четири вида ајкули што одат, што е речиси двојно зголемување на познатите видови на овие ретки и надарени животни..


Додека помислата дека ајкула ве брка на песочна плажа е прилично честа кога сте на одмор, не функционира на тој начин физиологијата на овие животни - и нема што да се плашите од овој вид кој се наоѓа во тропските води помеѓу Северна Австралија и Нова Гвинеја.

- Во просек се долги околу 1 метар и не претставуваат закана за луѓето - вели биологот Кристин Даџдон од Универзитетот во Квинсленд, Австралија.

- Но, нивната способност да издржат во околина со малку кислород и да одат со нивните перки им дава извонредна предност пред нивниот плен, како што се малите ракови и мекотелите - додава таа.

Четирите нови вида ајкули им припаѓаат на родот „Hemiscyllium“. Новите членови на групата се поврзани со петте постојни вида ајкули преку генски анализи, користејќи примероци на ткива од живи примероци пронајдени во текот на истражувањето.

- Ја проценивме врската помеѓу видовите врз основа на споредби помеѓу нивната митохондријална ДНК, што се пренесува преку родот на мајката - вели Даџдон.

Резултатите потврдија дека ДНК на новите животни е во согласност со постојниот вид „Hemiscyllium“, што веројатно потекнува од пред околу 66 до 100 милиони години.

Со оглед на огромните временски размери и широкиот опсег на меѓународни води, тешко е да се знае како биле создадени овие ајкули што одат и зошто тие еволуирале на таков начин.

- Податоците посочуваат дека новиот вид еволуирал откако ајкулите се оддалечиле од нивната првична популација, станале генски изолирани во нови области и се развиле во нов вид - вели Даџдон.

- Тие можеби се преселиле со пливање или одење на нивните перки, или можеби биле пренесени од гребените на запад во Нова Гвинеја, пред околу 2 милиона години - додава таа.

Тимот вели дека постојат и други видови ајкули што одат - прашање е само кога ќе бидат пронајдени. Истражувањето било објавено во „Марин енд Фрешватер рисрч“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top