(ВИДЕО) Димитров од Делчево: Иванов е симбол на срам, немоќ и изгубеност

„Одбивам да ми биде претседател таква немоќ“, изјави шефот на дипломатијата..

Вечерва во Делчево се одржа дебата „ЗА европска Македонија“. Гостин на дебатата беше Министерот за надворешни работи Никола Димитров кој пред делчевчани дебатираше за евроатлантските перспективи на земјава и претстојниот референдум. За градоначалникот Горан Трајковски кој исто така беше дел од дебатата нема сомнение дека претстојниот рефрендум и гласот ЗА е шанса Делчево да се отвори кон перспективите кои се нудат преку структурните фондови кои ќе овозможат решавање на егизстенцијални проблеми за граѓаните.

-Со сегашниот буџет треба да чекаме 40 години за да доведеме во ред некои основни услови за живот. Можностите се мали, но со влегувањето во НАТО и ЕУ се отвараат структурните фондови преку кои можеме да направиме многу повеќе со што општината ќе биде вистински сервис на граѓаните, рече Трајковски.

По 27 години Македонија најде решение со соседна Грција со кое се изборивме за својот идентитет и затоа е жално после 27 години да чекаме уште, рече Димитров пред полната кино сала во Делчево.

-Прв пат по 27 години најдовме решение. Полека, средба по средба, дојдовме до решение со кое, ние се нарекуваме Македонци. Прв пат имаме шанса со чист идентитет и со официјален јазик да влеземе во НАТО и ЕУ. Жално е 27 години при своја држава да чекаме уште, а ние додека чекавме нешто да ни се случи, земјите не претекнуваат, а младите среќата ја бараат надвор. Затоа велам ако ова успеавме да го решиме, тогаш се можеме да направиме, истакна Димитров пред делчевчани.

Не сакам да има некаква дамка или дилема за претстојниот референдум, затоа што се што е важно за нас го штитиме. Придавката „Северна“ кажува дека нашиот дел е еден дел од Македонија. Факт е дека Македонија е дел и од Грција и од Бугарија, а ние сме оној северниот дел. Додека младите се тука должноста на нашата генерација е да ја исправиме Македонија на прав пат и затоа во недела никој да нема никаков сомнеж околу своето ЗА референдумот, порача Димитров.

Димитров се осврна и на процесите кои ќе следуваат како што рече по успешниот референдум.

-На први октомври нема тече мед и млеко, ама чекорот е во права насока и секој чекор почнува со првиот чекор. За една година ќе ја видиме разликата. Процесот ќе заврши до крајот на годинава, во 2019 ќе влеземе во НАТО. ЗА ЕУ ќе потрае подолго, ама самиот процес е поважен од целта. Тие години додека го минуваме процесот за влез во ЕУ ќе бидат најважни, тогаш ЕУ ќе не стави под лупа дали имаме чесни политичари, судии, медиуми. Тие години ни требаат оти ако влеземе во ЕУ утре, ќе останеме истата држава. Ова ќе го правиме со многу голема помош на Европа која вложува многу повеќе пари за време на тој процес, дециден беше Димитров пред делчевци.

Затоа, 30 септември ќе биде празник на иднината, на одговорноста и храброста, ден кога нашата генерација ќе го оствари заветот на нашите татковци. В недела јас ќе одам насмеан и ќе гласам со гордост и чиста совест ЗА европска Македонија, порача на крај од својот говор во Делчево, министерот Никола Димитров.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top