(ВИДЕО) Добротворен концерт на „Танец“ во Шелдон Ресепшн - Мелбурн 2019

Добротворен концерт на „Танец“ во Шелдон Ресепшн заедно со Македонските Културно-Уметнички друштва од Мелбурн и Викторија.

Вчера вечер во прекрасниот Шелдон ресепшн Националниот Ансамбл Танец од Македонија одржа доброволен концерт наменет за Кореографите и играорците на Културно уметничките друштва од Мелбурн и Викторија.

Целта на настанот беше играорците и нивните кореографи од Мелбурн да се запознаат со членовите на Танец кои се на турнеја во Австралија да разменат искуства и да ја продлабочат понатамошната соработка.

По времето предвидено за дружење и фотографирање Танец приредија краток концерт со кој уште еднаш го покажаа фолклорното богатство на Македонија и ги разнежнија, развеселија и разиграа срцата на присутните Македонци.

Навистина беше рај за очите и душата да се слуша оркестарот предводен од Маестро Милан Завков, и да се гледа како играорците играат во традиционална Македонска носија.

Врв на се беше кога Сузана Спасовска ја запеа песната Земјо Македонска и ги крена на нозе присутните кои не издржаа туку заедно со неа запеаја и заиграа во оро со играорците.

Не постојат зборови со кои може да се опише колку многу присутните уживаа во овој краток но премногу сладок концерт на Танец.

На крајот присутните беа почестени со доделување признанија од страна на директорот на Танец, Г-дин Мартин Вучиќ.

Имено тој им додели признанија на Македонските Играорни и Културно Уметничките друштва од Мелбурн и Викторија им се заблагодари за присуството и подршката и понуди богата соработка меѓу Танец и овдешниве играорни групи за во иднина.

Обраќање пред присутните и поздравен говор до „Танец“ одржа пратеничката во Викторискиот парламент, Натали Сулејман.

За успешна реализација на настанот најголема заслуга имаат Македонските бизнисмени од Мелбурн и воедно сопственици на Шелдон ресепшн Г-дин Иван Нешковски и Г-ѓа Лидија Нешковски кои безусловно прифатија да бидат домаќини на овој прекрасен настан. Вчера вечер Г-дин и Г-ѓа Нешковски уште еднаш ја покажаа својата професионалност, љубов кон родната Македонија, желбата да се помага Македонската заедница овде во Мелбурн како и да се подржи се што е Македонско на дело.

На сцената можеше да се видат националното и државното знаме на Македонија како и знамето на Австралија и Абориџинското кои се задолжителни овде, а исто така скоро секој еден присутен во рацете вееше национално знаменце познато како знамето од Кутлеш.

На „Танец“ им посакуваме успешно да ја завршат оваа турнеја и многу успех на сите понатамошни настапи и да продолжат да го шират Македонскиот фолклор и да не престставуваат пред светот, затоа што тие се амбасадори на фолклорот, културата и традицијата.

Во прилог проследете го видеото од настанот



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top