(ВИДЕО) „Дрим Тим“ со „Етно Балкан“ ќе го освојува регионот

Првата нумера од големиот етнопроект беше промовирана синоќа во ресторанот „Воденица“ во присуство на многумина колеги на академските музичари кои 20 години творат и настапуваат ..

Музичкиот состав „Дрим тим“, кој веќе две децении создава своја авторска музика и настапува по цел свет, синоќа го промовира првиот видеоспот од проектот „Етно Балкан“.

Нова страница во музичката кариера на овие академски музичари, вака еден од членовите на составот, кларинетистот Александар Ангелов, го најавува новиот проект.

-Проектот е нешто сосема различно од она што го имаме работено досега, па затоа и го нарекуваме нова страница и реализација на една уникатна идеја која ќе остави печат, односно ќе ја одбележи наредната година – вели Ангелов.

Првата нумера е составена од пет дела, на кои како автори се потпишуваат Сашко Велков, бугарскиот музичар Мартин Лубенов и легендата на македонската музика, Стево Теодосиевски.

Видеото е работено во соработка со ИН ТВ, а кадрите се снимени на повеќе локации.

Првата нумера од „Етно Балкан“ е микс на музички парчиња од 11/8-ски ритам од нашиот фолклор, латино-ориентален дел, но и композиција во фанк-ритам.

Велков, кој свири хармоника, ни објаснува дека одамна го сонувале проектот.

- Не ни планиравме да има спот, но со записот всушност правиме една целина. Почетната тема е од стара македонска песна. Спотот го снимавме на повеќе локации, дел во околината на Скопје, дел на Осоговските Планини, во Македонска Каменица – вели тој.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top