(ВИДЕО) Епархиско собрание на Австралиско-Сиднејската Епархија во Епинг

Вчера во културниот центар при храмот „Св. вмч. Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн, Австралија, беше одржано редовното Епархиско собрание на Австралиско-сиднејската епархија.

На собранието претседаваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-Струшки и Дебарско-Кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. 

Епархиското собрание започна со пригодна молитва во храмот, по што започна работниот дел на Собранието. 

Најпрво Митрополитот Тимотеј даде извештај за своето двегодишно работење (2018-19 година), а потоа беше разгледан и финансискиот извештај за 2017-2018 година, како и за 2018-2019 година. 

По добиените информации од Просветниот одбор на Епархијата, како и од Комисијата за организирање на свеќоливница, беа добиени и информации околу ревизијата на Статутот на Епархијата, а потоа се пристапи кон избор на нови членови на телата и органите на Епархијата. 

На местото потпретседател на Епархиското собрание повторно беше избран г-дин Љупчо Стефановски од Волонгонг, за секретар на Епархијата беше избран г-дин Сашо Стојчевски од Њукасл, а за благајник г-дин Филип Пејов од Перт. 

Беа избрани и нови членови на Епархискиот управен одбор и нови делегати за АЦНС, како и нови членови на Просветниот одбор на Епархијата. 

На крајот, беа разгледани и други останати прашања од животот на Епархијата. Митрополитот Тимотеј им се заблагодари на сите досегашни членови и учесници на Епархиските тела и органи, а особена благодарност искажа кон досегашниот секретар г-дин Крис Ангелков од Перт, како и кон досегашниот благајник г-дин Јоте Ќандовски од Перт, за нивниот труд и несебично залагање, како и за големиот придонес во организирањето на Епархијата во изминитатите години.

Митрополитот се заблагодари и на сите делегати за присуството, како и конструктивноста во учеството на ова Собрание. 

На самиот крај, Митрополитот Тимотеј искажа и голема благодарност кон Управата на храмот „Св. вмч. Ѓорѓи и Пресвета Богородица“ од Епинг, Мелбурн, за нивната успешна организација на овогодинешното Епархиско собрание. 

Текст: Дебарско-Кичевска Епархија

Видео: Никола Ставрески




Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top