(ВИДЕО) Ерупција во Гватемала: лава тече по улиците, најмалку 25 загинати

Најмалку 25 лица загинаа, а стотици се повредени вчера во Гватемала откако еруптираше вулканот Фуего, исфрлајќи река вжештена лава и густ црн чад и пепел, кои како дожд паднаа врз главниот град Гватемала и други области во централноамериканската земја..

„Река од лава го загрози селото Родео, има повредени, изгорени и мртви луѓе и деца“, изјави шефот на гватемалската Агенција за катастрофи Серџо Кабанас.

Една жена покриена со пепел на новинарите им кажа дека лавата избила низ полињата со пченка и дека стравува дека има многу мртви. Неколку деца загинале при ерупцијата, потврди Би-би-си.

„Не успеаја сите да избегаат, мислам дека останаа покриени под лавата“, изјави Консуела Хернандез за локалната мрежа Диарио де Центроамерика. Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови.

Се стравува дека бројот на жртви би можел да биде и поголем бидејќи има населби кои синоќа останале отсечени.

Ерупцијата на 3.763 метри високиот вулкан Фуего беше најсилната во последните години, објави Националниот институт за сеизмологија, вулканологија, метеорологија и хидрологија.

Војската објави дека евакуирала 3.100 луѓе од областите околу вулканот, 70 километри од престолнината Гватемала, а објави и снимки од војници покриени со пепел како им помагаат на децата да се евакуираат.

Претседателот на државата Џими Моралес го посети синоќа центарот на агенцијата за управување со кризни ситуации, а набрзо беше воведена и вонредна состојба во регионите Чималтенанго, Сакатепекез и Ескуинтла.

Вулканскиот пепел покри четири административни региони во земјата загрозувајќи 1,7 милиони жители и затворајќи го аеродромот Аурора во главниот град.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top