(Видео) Илиевски стои зад Груевски, но не кажува каде се Јанкулоска и Јанакиески

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, треба да остане на чело на партијата затоа што тоа од него го бара членството, а само СДСМ бара оставка..

Според членот на Извршниот комитет на партијата, Богдан Илиевски, сегашниот лидер ја издигнал партијата од пепел. Според него, оние што бараат одговорност од Извршниот комитет праќаат порака до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Илиевски е сигурен дека Груевски ќе донесе најдобра одлука по огромниот пораз на партијата на локалните избори.

Иако ВМРО-ДПМНЕ не го признава постојното специјално јавно обвинителство и го оценува како неуставно, Илиевски вели дека стојат зад ставот на Груевски за формирање ново што ќе ги истражува изборните нерегуларности. На прашањето зошто формирање ново СЈО ако не го признаваат постојното, Илиевски вели дека за нив била важна формата, а не суштината, затоа што сметаат дека изборите се фалсификат. Богдан Илиевски за „Макфакс“ вели дека изборните нерегуларности се докоментирани со видеоматеријал, кој партијата го поседува.

На прашањето дали, ако имало изборни нарушувања, поткуп, активирање на подземјето и МВР било во служба на СДСМ, е истото тоа што го имаше во објавените прислушувани разговори, тој вели дека криминал е криминал, без разлика кој го прави, треба да ги преземе последиците, додавајќи дека доколку ваков криминал се случувал во минатото, не треба тоа да биде повод да се повторува.

„Во однос на барањето за амнестија за 1.050 лица за разноразни обвиненија, ние бараме ослободување на лицата што беа вклучени во настаните на 27 април бидејќи цврсто верувам дека ниеден не влегол да убива некого или да изврши акт на тероризам“, вели Илиевски додавајќи дека ако се повлече законот, тие ќе ја разгледаат новата ситуација и ќе завземат став.

Богдан Илиевски како член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во однос на иницијаторите за реформи во партијата вели дека има почит за сечие мислење, но не сакаше да зборува за нив велејќи тие да си ја тераат нивната работа, а Извршниот комитет својата.

Илиевски во интервјуто за „Макфакс“ кажа дека во предизборието потенцијални кандидати за градоначалници добивале закани, а некои од нив и се повлекле. Тој се согласува дека се потребни реформи, притоа не укажувајќи што треба да се направи внатре во партијата. За него, изборите биле нерегуларни и се согласува со ставот на Груевски дека тие не треба да бидат признаени бидејќи во текот на процесот имало многу закани кон поедници, притисоци, а како што вели, на некои луѓе им било и забрането да излезат на гласање. Илиевски не кажа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати мандатите што ги доби во 5 општини, но и дали ќе ги повлече советниците од другите, но не ја исклучува оваа можност.

Богдан Илиевски, коментирајќи го прашањето каде е поранешниот член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и ексминистерот за здравство, Никола Тодоров, вели дека тој не е активен во партијата по инцидентот каде што за малку ќе беше застрелан, сметајќи дека нормално е да тој да се повлече од јавноста по таков настан. Илиевски одби да коментира каде се другите поранешни челници на партијата, како Гордана Јанкулоска, Зоран Ставревски, Миле Јанакиески. Тој потенцира дека штом ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заврши анализите, ќе одлучи како ќе дејствува во понатамошниот период.

Макфакс


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top