(ВИДЕО) Иран се закани: Ќе се одмаздиме за Сулејмани на вистинско место, во вистинско време!

Врховниот совет за безбедност на Иран денеска вети дека ќе се одмазди „на вистинското место и во вистинско време“ за смртта на иранскиот генерал Касем Сулејмани убиен во американски напад во Багдад..

„Америка треба да знае дека нејзиниот криминален напад врз генералот Сулејмани беше нејзината најголема грешка. Овие криминалци се соочуваат со сериозна одмазда, на вистинско место и во вистинско време“, се вели во соопштението на Врховниот совет.

Советот му оддаде почит на Сулејмани, нарекувајќи го познат генерал, кој е „гордост не само на Иранците, туку и на муслиманите и на сите угнетувани низ целиот свет“.

Десетици илјади луѓе протестираа денеска  во Техеран против „злосторствата“ на САД, објави АФП. По молитвата, мноштво Иранци ги преплавија улиците во центарот на градот и извикуваа „Смрт за Америка“, истакнувајќи ги портретите на Касем Сулејмани.

Генералот Касем Сулејмани, кој беше убиен во американски напад врз Ирак во утрово со непосредна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, беше вториот најмоќен човек во Иран, веднаш по ајатолахот Хамнеи и се сметаше за креатор на големите амбиции на Иран на Блискиот исток.

„Соединетите држави се оска на злото, а целта на религијата и Коранот е смрт на Америка“, извикуваа демонстрантите во Техеран.

Меѓу нив, една група мажи го запали американското знаме.„Целиот свет ќе разбере кој е терорист“, заклучи еден постар човек.

Официјалната новинска агенција Ирна објави дека слични митинзи се одвивале низ целата земја, особено во градовите Шираз, Арак и Јазд.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top