(ВИДЕО) Исламската држава ја презема одговорноста за нападот во Лондон

Џихадистичката групација Исламска држава соопшти во саботата дека нападот со нож во Лондон во кој во петокот беа убиени две лица го извршил нејзин борец, објави пропагандата агенција на оваа ултрарадикална сунитска организација Amaq..

„Извршителот на вчерашниот напад во Лондон е борец на Исламската држава, а го изврши како одговор на повиците да се напаѓаат жителите на земјите од меѓународната коалиција“ против Исламската држава, пишува Amaq во соопштението. Притоа не понуди никаков доказ кој би ги потврдил тврдењата на џихадистичката организација.

Британската полиција во петокот застрела маж кој носел лажен непробоен елек и кој смртно избоде две а рани уште три други лица од кое едното е во критична состојба, пред да биде совладан од минувачи. Британските власти оценија дека станува збор за терористички напад.

Напаѓачот е идентификуван како 28-годишниот Усман Хан, кој живеел во грофовијата Стафордшир. Тој од поодамна им бил познат на безбедносните служби, откако во 2012 година бил осуден за терористички активности и припадност на терористичка група која имала намера да изведе бомбашки напад врз Лондонската берза на 16 години затвор, а бил ослободен во декември 2018 година. Според пишувањето на медиумите, по уславното пуштање од затворот носел електронска нараквица.

Во саботата во британската јавност доминираше прашањето како било можно Усман Кан предвремено да биде ослободен и како властите го следеле неговото движење.

Претходно во саботата малку пред да биде објавено дека станува збор за осудувано лице, премиерот Борис Џонсон кој на 12-ти декември ќе се бори за нов мандат, изјави дека злосторниците осудувани за тероризам и насилства мора да ги отслужат целосно казните и законот да предвидува да не можат предвремено да бидат условно ослободувани.

„Кога лица се осудени на одреден број години во затвор, би морало да ја отслужат казната до крај. Нема никаква смисла нашето општество да ги пушта на слобода осудените за тероризам и за тешки злосторства со насилство“, рече Џонсон.

Практиката за отслужување на затворските казни ја критикуваше и Џереми Корбин, челникот на опозициската Лабуристичка партија.

„Траба да се спроведе целосна истрага“, рече Корбин кој се надева дека ќе дојде на премиерската должност по предвремените парламентарни избори на 12-ти декември.

Напаѓачот во петокот со нож избоде неколку лица во „Фишмонгерс Хол“, зграда во северниот крај од Лондонскиот мост, во која се одржувала конференција за рехабилитација на затворениците на којашто учествувал и напаѓачот. Напаѓачот пред доаѓањето на полицијата го совладале учесниците на оваа конференција, рече началникот на британската антитерористичка полиција, Нејл Басу.

Меѓу луѓето кои го совладале Кан бил и Џејмс Форд, осуден во 2004 година на доживотен затвор, односно на најмалку 15 години, за убиство на жена на којашто со нож ѝ го пресекол гркланот.

„По секој ваков настан, мора да се спроведе, и тоа секогаш се прави, темелна анализа и да се направи обид да се извлече поука“, изјави за BBC државниот секретар за безбедност, Брендон Луис.

Лондонскиот мост (London Bridge) беше сцена на терористички напад и во текот на предизборната кампања во 2017 година, кога тројца милитанти со комбе се залетаа во пешаците и притоа убија осум лица а повредени беа уште 48 други луѓе. Тогаш нападот го привлече вниманието на намалувањето на буџетот за полицијата, откако конзервативците во 2010 година ја преземаа власта.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top