(ВИДЕО) Кој ја растурил коалицијата?! - ВМРО-ДПМНЕ молчи, ДУИ вели Иванов кажува невистини

Коалиција со ВМРО-ДПМНЕ не направена, затоа што така одлучил Али Ахмети и затоа што така сакаа Албанците. Немало телефонски повик, ниту некој интервенирал да се распадне коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, вели Артан Груби за ТВ21..

“Кај претседателот Ахмети и ДУИ немало никаква интервенција, ниту од земјава, ниту од странство, ниту од соседните држави, туку надвладеа нашата определба за еднаквост, реформи, владеење на правото и евроатлантски интеграции кои не се во согласност со ВМРО-ДПМНЕ. Изненаден сум што во Македонија се уште има луѓе кои му веруваат на Иванов и неговите приказни. Тој освен што подгрева меѓуетнички тензии и институционална блокада, сега започна со клевети кои се за жалење”, соопшти Артан Груби-ДУИ.

Претседателот Иванов во вчерашното интервју за „Виенер Цајтунг“ меѓудругото изјави дека договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ бил постигнат, но коалицијата пропаднала во последен момент поради само еден телефонски повик. На новинарско прашање кој бил повикувачот, Иванов одговори: Вие сте новинар, па истражете. За ова побаравме став и од ВМРО-ДПМНЕ, но сепак од таму не одговорија на нашите прашања.

“Во законодавниот дом на Република Македонија досега се одржаа 12 продолженија на конститутивната седница. Се дебатира за се и сешто, а изборот на претседател на Комисијата за избори и именувања и претседател на Собранието никако да бидат ставени на гласање. СДСМ најави дека имаат решение за формирање на нова Влада во случај блокадата на Собранието да продолжи. Но, Иванов во интервјуто за „Виенер Цајтунг“ изјави дека таква влада ќе биде без легитимност од претседателот. Тој и натаму одбива да го додели мандатот на Заев“ – Арменд Мурсели-Репортер.

Сепак, во интервјуто за „Виенер Цајтунг“ Иванов призна дека негова уставна обврска е да го додели мандатот на партијата која има обезбедено мнозинство во Собранието”.

“Тоа е само желба. Правно неизводливо, бидејќи таа влада нема да има легитимитет. Зошто тогаш во Уставот пишува дека претседателот го определува мандатот. Членот 90 му дава обврска на претседателот одредена во рокови да го додели мандатот на тој што има мнозинство во парламентот. Тогаш ќе има две влади, оваа која што е техничка и онаа која што ќе биде без легитимност од претседателот”, изјави Ѓорѓе Иванов – Претседател на РМ.

Во меѓувреме, од СДСМ велат дека Иванов е должен да го дели мандатот и дека неговата улога во овој дел е церемонијална. Според нив тоа што го прави Иванов во моментот е противуставно и противзаконски. Од оваа партија порачуваат дека доколку не го добијат мандатот и доколку продолжи блокадата на Собранието, ќе најдат начин, според Уставот и законите да изберат претседател на законодавниот дом и да формираат нова влада.


Извор: ТВ21


Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top