(ВИДЕО) Ливерпул ја круниса фантастичната сезона, Ориги и Салах го урнаа Тотенхем

Екипата на Ливерпул успеа на најдобар можен начин да ја заврши фантастичната сезона која ја има зад себе, освојувајќи го трофејот во Лигата на шампионите..

„Црвените“ успеаја по ланскиот пораз во финалето одново да имаат фантастична сезона во Лигата на шампионите, но овојпат тие се на победничкиот престол, а проклеството на Клоп за куп-финалињата конечно е уништено.

Во не премногу убаво и атрактивно финале, Ливерпул беше подобар противник од Тотенхем, а со головите на Салах веќе во втората минута од пенал и со погодокот на Ориги во 87. минута дојдоа до рутинска победа и се искачија на кровот на Европа.

Тотенхем го имаше поседот на топката во првиот дел, но избраниците на Покетино не успеаја да направат ништо поконкретно, па не успеаја ниту да упатат удар во рамките на голот на Алисон, додека пак Ливерпул мудро и трпеливо ја чекаше својата шанса од транзиција. Матип и Ван Дајк одлично командуваа со одбраната и не дозволуваа Кејн и неговите соиграчи посериозно да се заканат, па на полувреме се замина со 0:1 за Ливерпул.

Второто полувреме започна со помал интензитет, Ливерпул имаше неколку напади, но не беа посериозна закана за Уго Лорис.

Како што се наближуваше финишот од натпреварот, така Тотенхем стануваше поопасен. Покетино се одлучи во игра да ги внесе Лукас и Љоренте, но ниту тие двајца не успеаја да постигнат погодок, иако донесоа многу промени во играта, а Лукас имаше и една сериозна шанса за израмнување на резултатот, откако претходно се закани непрепознатливиот во првото полувреме Сон.

Но, откако Тотенхем не успеа да ги искористи своите шанси, Ливерпул казни и тоа преку неверојатниот Дивок Ориги кој стави печат на натпреварот и му донесе титула на Ливерпул за фантастичен крај на сезоната.

До крајот Тотенхем се обиде да го внесе натпреварот во неизвесна завршница, но не успеаја во тоа и Ливерпул сосема заслужено е на кровот на Европа.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top