(ВИДЕО) Љубљана: Над 3.500 демoнстранти на велосипеди протестираа против владата

Како што се гледа на снимките објавени од медиумите, повеќето демонстранти имаат заштитни маски на лицето за време на протестот..

Големи протести против владата и нејзините активности за време на епидемијата на коронавирус се одржаа синоќа во Љубљана, каде според проценките на полицијата имало околу 3500 демонстранти за велосипеди и пешаци, кои го изразиле незадоволството од работата на владата. Тие со извици и транспаренти побарале нејзина оставка.

Според извештаите на медиумите, демонстрантите во доцните часови ја обиколиле зградата на парламентот и центарот на Љубљана, извикувајќи пароли против владата, но немало инциденти и протестите биле контролирани од полицијата.

Портпаролката на полицијата, Александра Голец за словенечката новинска агенција СТА изјавила дека собирот не бил пријавен и дека не е познат организаторот на протестот, но дека се продолжува со собирање на информации за можни прекршувања или казнени дела за време на протестот.

Словенечката влада укина некои од рестриктивните мерки оваа недела бидејќи епидемијата на Ковид-19 е во пад, но поголемите собири и движење на луѓе на јавни места се сè уште забранети и на сила се превентивните епидемиолошки мерки.

Според словенечките медиуми, слични, но многу помали собири на луѓе на велосипеди против владата се одржале и во Марибор и Нова Горица. Протестите против владата ги организирале помалку познати активистички групи преку Фејсбук, кои наведуваат дека владата на премиерот Јанез Јанша ја користела епидемијата за да ја зацврсти својата „авторитарна“ власт.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top