(ВИДЕО) МЕЛБУРН: 1000 летие од добивањето на Канонскиот Легимитет-Томос на Охридската Архиепископија

Во Македонскиот Православен Храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиднам, Мелбурн се одржа прослава по повод 1000 летие од добивањето на Канонскиот Легимитет-Томос на Охридската Архиепископија..

На ден 01. 09. 2018 година, кога Светата Црква си спомнува за Празникот на иконата – Патеводителка на Пресвета Богородица; св. мч. Андреј Стратилат; преп. Теофан Македонски, во организација на Македонската православна општина при Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам и на Македонската православна младина на Австралија (MOYA) во Мелбурн во најодалечениот престол на древната и славна Светиклиментова црква се одржа свечена прослава по повод големите јубилеи на нашата Помесна Македонска праволавна црква – Охридска архиепископија. Верниците при Австралиско-сиднејската православна епархија си спомнаа за големите јубилеи: „1000 години од издавањето на хрисовулите на Василиј II со кои Охридската архиепископија добила канонски легимитет и од Константинопол (1018-2018); 60 години од нејзиното возобновување во лицето на Македонската православна црква (1958 – 2018); 1155 години од Моравската мисија на рамноапостолните солунски браќа свети Кирил и свети Методиј, сесловенските учители и просветители и по повод 5 годишнината од блаженото упокојување на првиот Архиереј на македонската дијаспора, блажено упокоениот Митрополит Полошко – кумановски Кирил (2013-2018), кој долги години ја предводел Американско-канадско-австралиската епархија.
 Чествувањето на овие јубилеи започна со Света Божествена литургија во Соборниот храм на Австралиско-сиднејската православна ерапрхија - „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам.
 На литургијата богослужеше, старешината на храмот протојереј – ставрофор Ефтим Бетински во сослужение на архимандритот Гаврил (Галев) и на гостинот од Руската задгранична црква во Австралија, протојереј-ставрофор Јован Димитров.
 Пред присутните за време на Литургијата беседеше отец Ефтим. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Веднаш по Литургијата беше ослужен помен за упокоените архиепископи и за Митрополит Американско-канадско-австралиски Кирил.
 За време на поменот од името на верниот народ се обрати заменик претседателот на Македонската православна младина на Австралија, др. Ананија Ананиевски, кој укажа дека: „Поменот беше во знак на благодарност за сè што направи за сите нас дедо Кириле, за твојата неизмерна грижа и љубов околу обединувањето на македонскиот народ во прекуокејанските земји, организирајќи ги во формираните од лично од тебе над 40 црковни општини, кои до денес со почит се сеќаваат на твојот спомен, кој не бледнее и по цели пет години откако нè напушти.
Твојата мудрост и личност фали во овие времиња во нашата Црква, но сеќавањето на тебе и на твоите бесценети дела, кои ги остави во наследство ја исполнуваат таа празнина. Вечен ти спомен!“.
По трисагијата започна Свечената јубилејна духовна академија. Најнапред со пригодно слово пред присутните се обрати отецот Ефтим, кој меѓу другото, нагласувајќи го значењето на Охридската архиепископија, возобновена во лицето на Македонската православна црква за дијаспората рече: „Охридската црква низ сиве овие години исполнети со бројни искушенија, остана духовна мајка на македонскиот народ не само во Татковината, туку насекаде, а особено овде во македонската дијаспора на Австралискиот континент.
 Нас единствено како народ нè сочувала Охридската архиепископија, возобновена како Македонска православна црква.
До ден денес македонските црковни општини при храмовите се центарот и прибежиштето на Македонците ширум светот“.
На Духовната академија на голема радост беше одржана и промоцијата на книгата на Неговото Високопреподобие, Архимандритот Гаврил (Галев), игумен на македонскиот православен манастир „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк.
Присутните беа запознаени со содржината на книгата „Добродетелите во Лествицата на свети Јован Лествичник и Египетскиот отечник“ од страна на отец Гаврил, кој како автор кратко посочи: „дека во делото накратко се разработени теми од Лествицата и Египетскиот Патерикон, кои преставуваат неисцрпни и постојано актуелни енциклопедии и кодекси на вистинско христијанско живеење во Светиот Дух.
 Книгата е прирачник за секој христијанин на патот кон Царството Божјо.
На тој пат на очистување подвижникот поминува три нивоа на духовен растеж: чистење на срцето, просветлување на умот и обожување.
Тој е единствениот пат кој нè води кон изгубениот рај“ – меѓу другото истакна отец Гаврил. На крај тој се заблагодари најнапред на надлежниот архиереј на Австралиско-сиднејската православна епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плашки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, како и на сите негови духовни чеда што овозможија се отпечати оваа книга во издавателство на издавачката куќа „Свети Гаврил Велички“ при Австралиско-сиднејската православна епархија.
Присутните бесплатно добија примерок од книгата, а исто така како додаток со книгата добија и печатен примерок.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top