(ВИДЕО) Мицкоски: Македонија - економски тигар на Балканот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Ресен одржа уште една во серијата средби низ земјата, кои како што велат од партијата, ќе послужат за креирање на програмата „Обнова на Македонија“ за следните парламентарни избори..

Освен состанокот со тамошниот општински комитет на партијата, тој имаше и 20 минутно обраќање пред ресенчани во кое најави дел од контурите на понудата на партијата.

Пред се, вети брз економски развој, при што ќе бидат земени во предвид проблемите на граѓаните.

„Затоа ние излеговме меѓу вас, кажав тоа на почетокот, за да ја напишеме нашата програма која заедно со вас ќе ја реализираме. И таа ќе биде поделена во три дела. Првиот дел е тоа што го говориме, а тоа е Македонија- економски тигар на Балканот. За тоа имаме план, имаме стратегија, имаме јасно дефинирани проекти…Нам ни се потребни брзи, храбри и одлучни економски политики за да може Македонија да прескокне 20 а можеби и 30 години во еден мандат од 4 години. Знаеме како тоа точно да го направиме“,

изјави Мицкоски од Ресен.

Мицкоски сепак не сподели и детали за мерките со кои ќе се постигне брз економски развој. Но, беше конкретен за тоа кои економски мерки на актуелната влада ќе ги укине, ако дојде на власт- рамниот данок и дополнителната акциза на дизел горивата. Токму оваа најава предизвика овации од публиката.

Потоа, значително време посвети на идеолошкото профилирање на партијата, најавувајќи „враќање на македонизмот“

„Но она што е за мене најважно, а претпоставувам и за секој македонски граѓанин, секој Македонец, секој граѓанин на Македонија, е враќање на македонизмот во Македонија. И тоа го зборувавме на претседателските избори, тоа ќе зборуваме и за време на овие наши средби, тоа ќе зборуваме и секогаш во иднина. Не е ретрограден, не е регресивен оној кој ја сака и љуби сопствената нација. Не е регресивен оној којшто се чувствува горд Македонец“,

изјави Мицкоски

Веднаш по оваа порака Мицкоски се обрати до сите други заедници во земјата, нарекувајќи ги соседи, браќа и сестри и ја побара нивната поддршка.

„Она што исто така сакам да го кажам е до останатите етнички заедници. Албанската, турската, ромската, бошњачката, српската, влашката, сите останати. Ова е наша заедничка држава и треба сите заеднички да си ја сакаме. Вие сте наши соседи, пријатели, браќа, сестри. Тука сме се родиле заедно, тука ги споделуваме истите маки, тука претпоставувам заедно ќе ги завршиме нашите животи. Затоа, поддржете ги честитите политичари. Подржете го ВМРО-ДПМНЕ и поддржете ги сите оние коишто нудат развој, родољубие, базирано на вистински основи“

изјави Мицкоски од Ресен.

Мицкоски, во својот говор најави дека сака да ги слушне и оние кои можеби претрпеле штети од некои политики на ВМРО-ДПМНЕ во минатото и најави дека ќе побара прошка онаму каде ќе слушне добри аргументи. Најави дека ќе продолжи и со внесување нови луѓе во партијата.

„Ќе понудиме и кадровско освежување кое започна со вчерашниот ден. Дел од шеснаесетемина стратешки соработници мои, ваши, на Македонија, беа презенетирани на македонската јавност. Тоа ќе продолжи и понатаму во периодот којшто следи“,



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top