(ВИДЕО) Мицкоски: Немам намера да си поднесам оставка

„Немам намера да си поднесам оставка“, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со иницијативата за промена на врвот на партијата..

„Сакам да се обратам на членовите на партијата. Не затекнавме партија од 450 илјади гласови, туку поделена, игнорирана од меѓународната заедница, атакувана партија, чиј имот поради притисок беше и сè уште е замрзнат, незаконски ќе потсетам. Со луѓе по затвори додека вистинските криминалци на слобода. И беше тешко. Многу внатрешни удари кои ги лепевме, правевме компромиси. Стигнавме до овде. Зло како оваа влада не се руши одеднаш туку со многу битки, многу труд и паѓање на оваа власт на рати. А ова денес е почеток на крајот на СДСМ.

Ако ме прашувате каква иднина нè чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. И мора секој да биде свесен дека нема брзи победи против ова зло, туку долга битка за слобода и правдини и европска иднина“, рече Мицкоски.

Според него, Македонија нема европска иднина со мафијашка коалиција, земјоделците кои сега не ги ни спомнуваат нема да го добијат потребното, сиромаштијата ќе се зголемува, младите ќе продолжат да си одат од земјата, затоа што квалитетот не се цени.

„Како ќе се однесува ВМРО? Со жестока критика на страна на народот, со организирани масовни граѓани протести, бидејќи ова не е само моја битка туку на народот против неодговорната и криминална влада. И сосема на крај да одговорам на сите прашања поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, збор-два за оние иницијативи кои одат во корист само на СДСМ и Зоран Заев. Јас немам намера да си поднесам оставка за да му помогнам на СДСМ и Заев. Ваквите теми само одат во прилог на оние против кого се бориме. И додека сум жив, а доколку тоа не сум, има план Б и план В, ќе се борам против оние кои му служат исклучиво на Зоран Заев за да си го заштитат својот криминал“, рече Мицкоски.

„Зборуваат за вонреден конгрес, но таква иницијатива нема стигнато, ниту поднесено во архивата на партијата. Значи тоа е тема за да се прикаже ВМРО-ДПМНЕ слабо и да се одработи исклучиво за СДСМ и Зоран Заев.

А сега и за суштината. За сите оние кои прават криминал, кои одработуваат за милост и кои поради тој криминал потклекнале и се во скутот на Заев, треба да знаат сега и во иднина нема да правaм компромиси со криминалот, нема да дозволам да се прогледа низ прсти поради сите нивни грешки и нема да премолчиме богатење на грбот на народот. Сите оние кои станаа најдобри другари на Заев не се тоа затоа што се силни, туку затоа што се екстремно слаби. Сигурно сте се прашале зошто нема завршница за познатите случаи за кои Заев како опозиција велеше дека се криминал, одговорот на тоа се добива овие денови кога гледаме како неколкумина појаничарени слуги одработуваат надевајќи се на неговата милост и својата слобода.

Но нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме за значајните нешта. А јас нема да замолчам пред неправдите, за печалбарите во политиката, за отпорот кој станува наша должност кога криминалците прават хотелски коалции за да се спасат себеси, а се нудат за решение. Оние кои толку многу пати се огрешиле кон ВМРО-ДПМНЕ и кон народот не се никакво решение, туку завршена приказна. Товар кој мора да отпадне за ВМРО-ДПМНЕ и народот да победат. Тие не зборуваат за криминалот на власта, ама се со полна уста за опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Тој пакт на криминалот и политиката, кој е мафија во државата, ќе биде поразен. Таа мафија, тој политички брак на власта и дел од тоа политичко криминално подземје кое се нуди за опозиција на опозицијата за да ја спаси власта, кое направи милиони за себе, со чиновничка плата, ќе биде поразено“, додаде тој.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top