(ВИДЕО) Осветување на новиот Македонски културен центар во Епинг

Започна еден голем проект на Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија.

Денес се поставија темелите на новиот Македонски културен центар во Епинг, Мелбурн, до Македонскиот Православен Храм „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“.

Говор пред присутните одржва претседателот на Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија, г-дин Мирчо Ангеловски, а темелите беа осветени од страна на Архимандритот Гаврил Галев и Отец Климент Станковски.

Во говорот, Ангеловски истакна: 

Почитувани гости, почитувани свештеници на МПЦ - о. Гаврил и о. Климент, дами и господа, претставници на македонските медиуми, драги Македонци,

Пред се, дозволете ми да започнам со изразување на мојата  благодарност за големата чест што МПОМВ ми ја има доверенокако Претседател на оваа величествена организација.

Отсекогаш сум се гордеел на нашата општина, но никогаш повеќе отколку во овој момент. Исто така, за мене, многу ми значи иако во многу мал број денес сме присутни во овие многу тешки и рестриктивни времиња предизвикани од сегашнава пандемиска криза.

Денешниов чин, осветување на темелите на новиот македонски културен центар означува особено важен момент за МПОМВ – а ваквиот момент би имал дополнително значење доколку би биле во можност да го споделиме овој чин во присуството на моите колеги, пријатели, членови на нашата општина, како и многу други личности на кои длабоко им се восхитувам за нивниот значаен придонес за изградба на овој проект.

Исто така, им благодарам на о.Гаврил и на о.Климент за нивното осветување на темелите на МКЦ.

Проектот што го исполнуваме денес е во процес на развој, како што знаете, веќе подолго време.Но сепак научив дека понекогаш со малку дополнителна трпеливост во самиот процес на проектирање, може да доведе до уште пошироки можности - и тоа е токму она што се случи во оваа прилика.

Нашиот првичен план беше да изградиме нов центар со работни канцеларии, библиотека, и просторија за интеракција на македонската заедницата. Но, како што одминуваше времето, концептот се надградуваше. Сега вклучивме и неколку дополнителни елементи: Кафе/Ресторан во комбинација со сала за свечености, комерцијална кујна, бар, македонски музеј, театар за предавања, младинско радио студио, библиотека, училница, сала за конференции и канцелариски простории со вкупна внатрешна површина од 781 квадратен метар, надополнето со 136 квадрати надворешна покриена површина.   

Заедно, овие простории ќе се користат за различни културни потреби и ќе овозможат создавање на една конструктивна културна креативност, особено за младите во нашата заедница.

Развојот на нашата заедницата може корисно да послужи во борбата против опасностите од отуѓување, кои секогаш се присутни во секој модерен град. Особено во северните предградија на Мелбурн кои немаат ваков вид на објект, и од таа причина, ние ќе направиме се во наша можност за овој нов културен центар да биде достапен за употреба од страна на пошироката јавност како и од другите етнички заедници.

Нашиот собир денес го означува почетокот на овој проект, од фазата на планирање во фаза на градење – поведени од принципите на креативната имагинација на архитектот Дајмиен Роџерс  до  опипливата конструкција на градежникот Ален Блејк. Овој креативен процес сам по себе беше извонредна приказна – што прерасна во реалност за потребите на нашата заедница.

Сè на сè, МКЦ ќе претставува една богата ткаена од разновидни нишки. И фактот дека достигнавме до овој степен им се должи на оние кои толку длабоко веруваа во овој проект. Благодарни сме за поддршката на толку многу јавни службеници, во главно, Викториската Влада за финансирањето на проектот со доделен грант во вредност од $375.000, и особено г-ѓа Бронвин Халфпени – пратеник во Викториската Влада од Томастаун, која безусловно ја подржа нашата иницијатива и ширум ни ги отвори вратите на Викторискиот Парламент, и секако, советниците од Општината Витлси кои ја дадоа нивната многу потребна поддршка за овој проект.

Исто така, го поздравуваме Jереми Пит, раководител за односи со странки при финансиската институција Баптист, кој покажа неверојатно разбирање за потребите на нашата општина и значително придонесе да се обезбеди потребниот заем за изградба на културниот центар.

Благодарност исто така и до Градежната фирма Technik Constructions, особено  Извршниот Директор - Ален Блејк и неговиот тим за нивното разбирање и покажаната флексибилност, како и архитектот Дајмиен Роџерс кој од самиот почеток работи на планот, а сега заедно со Ален го градат објектот.

Јас и МПОМВ им должиме многу на сите мои колеги од поткомитетот за изградба на овој проект – тоа се, Џон Бранов, Џим Трајчевски, Џорџ Влахов и Васко Настевски, кои заедно со Членови на Генералната Управа на МПОМВ како волонтери вложија многу труд.

Овој проект се совпаѓа и со овогодишното одбележување на 60-годишнината од основањето на МПОМВ, со што се додава и една дополнителна значајност кон таа прослава. На крај, повторно ви благодарам на сите кои денес присуствувавте на овој настан. Се надевам дека и вие го чувствувате истото што јас го чувствувам како сведоци на еден труд кој на најдобар можен начин ќе придонесе кон мултикултурното општество во Австралија. Осврнувајќи се кон иднината, со сигурност можеме да предвидиме дека македонскиот културен центар ќе биде еден значаен дел за иднината - горд подарок од нашата генерација за идните генерации.

Погледнете го видеото од настанот:




Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top