(ВИДЕО): По акцијата “Шпион“ до надлежното ОЈО кривично пријавени 20 лица

Прес на МВР за случајот Шпион.

Министерството за внатрешни работи до Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска поднесе кривична пријава против М.Е.(52) од Скопје, поранешен вработен во Агенција за разузнавање на Р.Македонија, И.А.(55) од Скопје, вработен во Агенцијата за разузнавање на Р.Македонија, А.А.(46) oд Скопје, вработен во Агенцијата за разузнавање на Р.Македонија, З.K.(48) од Скопје, вработен во Министерство за внатрешни работи на Р.Македонија – Управа за безбедност и контраразузнавање, М.З.(44) од Куманово, поранешен вработен во АРМ, Б.П.(52) од Велес, Б.Ц.(49) од Скопје, вработен во Министерството за одбрана на Р.Македонија, З.Б.(47) од Куманово, по занимање новинар со моментален престој во Р.Србија, сопственик на електронски медиум „Буревесник“, М.Н.(41) од Куманово, моментално живее во Скопје, Ј.М.(38) од Крива Паланка, Г.С.(43) од Скопје, поранешен вработен во Министерството за внатрешни работи – како полициски генерал, М.М.(45) од Скопје, шеф на Кабинетот на Претседателот на Собрание на Р.Македонија, С.М.(40) од Скопје, В.С.(35) од Скопје, вработен во Државен Архив на Р.Македонија, В.Ц.(35) од Скопје, поранешен директор на Управата за финансиско разузнавање на Р.Македонија, А.Д.(54) од Скопје, А.В.(58) од Скопје, Ц.Д.(57) од Скопје, поранешен вработен во Министерствота за внатрешни работи на Р.Македонија – пензионер од МВР, Ж.П.(56) од Скопје, поранешен вработен во Министерството за внатрешни работи на Р.Македонија – пензионер од МВР  и Т.К.(54) од Скопје, вработен во Министерството за одбрана на Р.Македонија, кои во зависност од улогата што ја имале во злосторничкото здружение, се пријавени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“, „Шпионажа“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Уцена“ и „Измама“.


Имено, првоосомничениот откако добил отказно решение  од Агенцијата за разунавање на РМ во почетокот на 2009 година, заедно со второ и третосомничените кои во тоа време работеле во Агенцијата за разузнавање на Р.Македонија и четвртоосомничениот кој работи во  Управата за безбедност и контраразузнавање како и петтопријавениот кој претходно работел во  Службата за воена безбедност и разузнавање на Министерството за одбрана на Р.Македонија, создале злосторничко здружение кое имало за цел  вршење на кривично дело шпионажа заради стекнување на имотна корист, профит, за злосторничкото здружение и лично за себе. 
Криминалната група дејствувала на тој начин што петтемина за потребите на странски разузнавачки служби прибирале класифицирани тајни податоци и документи со кои се сретувале во текот на своето работење, за организациската поставеност и внатрешна структуираност на безбедносните и други институции, податоци за политичката состојба во државата, податоци за безбедносната состојба, изборите, за општата безбедносна состојба во државата од аспект на можни ризици и ескалации, Програми и Планови за посети и престој на Високи претставници на странски разузнавачки служби, имињата на лица кои биле во посета, податоци за лица кои биле опфатени во оперативни обработки, податоци за состојбите во верските заедници, податоци кои се однесувале на вехабизмот и радикалните структури во Р.Македонија и Р.Албанија и за структурите кои ги финансираат и помагаат. Вака обезбедените документи ги предавале на првоосомничениот, кој пак овие информации и податоци користејќи специјални сателитски оперативни системи и техники, како и лично при непосредни средби ги доставувал до лица кои работеле за странските разузнавачки служби со кои контактирал. Кон криминалната група во текот на 2010 година заради вршење на кривични дела шпионажа се приклучил и вработен во Службата за воена безбедност и разузнавање на Министерството за  одбрана на РМ од каде се прибавувале информации од военото разузнавање и вработен во  македонски мобилен оператор, кој обезбедувал податоци од телефонски броеви за лица од интерес за криминалната група.

Ваквите криминални активности првоосомничениот ги вршел и пред формирањето на злосторничкото здружување, односно во текот на 2005 и 2006 година во неколку наврати од вработен во Министерството за одбрана, обезбедил неколку извештаи што ги доставил до лица кои биле негов контакт и работеле во  странски разузнавачки служби.

Во текот на 2010 година, припадници на криминалната групата станале и останатите осомничени. Покрај тоа што продолжиле со вршење на кривично дело „Шпионажа“, истите вршеле и кривични дела „Уцена“ и „Измама“, така што на незаконит начин обезбедувале податоци за лица од јавниот живот или бизнис заедницата со кои би можеле да им нанесат штета на нивниот углед и угледот на нивните блиски семејства. Истите, преку закани и уцени им изнудувале противправна имотна корист – парични средства држејќи ги во заблуда со прикажување на невистинити податоци и факти дека ќе ги објават ваквите податоци или документи на интернет сајтови или во медиумите - контролирани од дел од членовите на злосторничкото здружение.

Членовите на криминалната група, со цел да се стекнат со против правна имотна корист, преку вработен во Државен архив на Р.Македонија, обезбедувале документација – досиеја со класифицирана содржина архивирани во институцијата. Ваквата документација тој ја предавал на членови на злосторничкото здружение со цел истата да ја користат за да вршат закани кон засегнатите лица, дека ќе ги објават во јавноста ваквите досијеа со што ќе наштетат на нивниот углед и чест и со тоа ќе ги принудат да им исплатат парични средства на своја штета. Злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, вработениот во Државниот архив, во неколку наврати обезбедил и копирал досиеја за повеќе лица и истите ги предал на неколкумина членови на групата.

Во текот на 2011 година, првоосомничениот заедно со сопственикот на електронски медиум,  оствариле контакт со поранешен директор на  Управата за спречување на перење пари и финасирање  тероризам и од истиот  обезбедиле  податоци и документи кои истиот незаконски ги прибавил.
По претходно издадени Наредби од надлежен Истражен Судија извршени се претреси кај 17 лица – членови на злосторничкото здружение во 30 објекти во Скопје, и тоа: домови и други простории, службени простории во институциите каде моментално работат дел од лицата ( МВР, Агенција за разузнавање, Министерство за одбрана, Државен Архив на РМ и Собрание на РМ) и приватни фирми.

Од извршените претреси во домовите и службените простории одземени се 1.095 парчиња муниција, 481 CD-а, 134 видео касети, 125 парчиња вежбовен куршум, 81 компјутер, 67 СИМ картички, 56 флопи диска, 56 мобилни телефони, 57 мемориски уреди, 51 DVD дискови, 33 филмови за фото апарат, 29 држачи за СИМ за картичка, 22 парчиња оружје, 13 аудио касети, 9 фото апарати, 3 печати, 2 микро касети, 1 детектор за прислушни средства,1 камера,1 ГПС тракер, 1 електронски нотес , 1 радио врска  и разни видови на документи, од кои поголем дел со класифицирана содржина.

Одземените предмети се предадени во Оделот за крим техника при МВР заради понатамошно вештачење. По три лица сеуште се трага бидејќи во моментот се недостапни на Службата. Ќе се продолжи со преземање на натамошни мерки и активности заради целосно расчистување на случајот.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top