(ВИДЕО) Промоција на книгата „Одблесоци од Минатото“ од Гордана Димовска

За Македонија вреди да се твори.

Синоќа 31 мај,во Sheldon reception се одржа промоцијата на најновата книга од Гордана Димовска, Одблесоци од минатото. Книгата ја промовираше Дијана Пупалевска Мицалевска а се прочита осврт од познатиот писател од Квинсленд, Јанко Томов како и рецензијата  и поздравно писмо од истакнатиот македонски историчар Александар Донски. Исто така беше прочитан и краток осврт и мислење за книгата од писателот Ванѓелко Лозаноски.

За да се запознае публиката подобро со контекстот на книгата, беа прочитани и два извадоци од истата од Весна Дамчевска и Сашка Ставреска.

Водител на промоцијата беше Соња Стојановска а поздравното писмо од Алексанар Донски го прочита Славчо Трајковски.

Пред презентирањето на самата книга, беа одвоени неколку минути за ученичките од Викториското училиште за јазици, Татијана Гроздановска (“Децата од светот”) и Лорен Наумчевски (“Букви”).

Од промотивниот материјал го издвојуваме следното:

Почитувани присутни, книгата Одблесоци од минатото е најновото дело на Гордана Димовска, писател, поет, рецензент, еден од уредниците на веб порталот Македонска нација, уредник на веб порталот Македонски времеплов/Маcedonian timeline, долгогодишен активист во Македонската заедница во Викторија. Во оваа книга која ќе ја промовираме вечерва, авторката става уште еден печат во областа на прилози за Македонија. Овде ќе се пронајдат факти кои ретко може некој да ги слушнал или прочитал. Сето тоа со цел да се изнајдат што повеќе информации за минатото на Македонецот низ неговата мачна историја. Оваа книга е рефлекција на значајни настани низ минатото, колку успешни, толку неуспешни и трагични за развојот на земјата и општо за идентитетот на македонскиот човек,  било каде и да се наоѓа во светот.

Во изборот на теми со шеесет и еден наслов, посебно се осврнува на значајноста од негувањето на македонскиот јазик, цитирам:  Низ вековите нашиот јазик помина низ многу фази на своето формирање. Големо влијание на развојот на македонскиот јазик имаа туѓите ропства под кои Македонија потпадна. Со поделбата на Македонија во 1913 година меѓу Грција, Србија и Бугарија беа наметнати три јазици со единствена цел – да се уништи македонскиот јазик а со тоа и постоењето на македонскиот народ како посебна нација. Да го зачуваме нашето најголемо национално богатство – Македонскиот јазик. ’

Во голем дел се застапени факти за потребата од зачувувањето на името Македонија, цитирам - Секое име има потекло но и значење, па така и името Македонија е нешто свето и го сочинува идентитетот на македонскиот народ, проткаен низ вековите. А за името Македонци грчкиот професор и арехеолог Фотис Пецас вели дека тие си го имале тоа име уште пред да дојдат на просторот Македонија. Со самото доаѓање на територијата и го дале своето народно име. Тој изјавил: “Македонија го зеде името од Македонците. До 700 п.н.е. Македонците биле ограничени западно од планината Каракамен или јужно од Халиакамби.

Книгата изобилува со важни теми кои поттикнуваат на размислување и се во контекст на зачувување на македонските национални белези кои не смеат во никоја мера да бидат игнорирани и да се дозволува обезличување на македонското битие.

Во своето обраќање Гордана рече: На Македонија секогаш и биле потребни записи затоа што некој се занимавал со уништување на истите, но најважно од се е да се поттикне свеста на Македонецот каде и да е, да го чува и вреднува она исконското, традиционалното, оригиналното македонско обележје, меѓу кое спаѓа и јазикот и опасноста од менување на вековното име Македонија.

Тие се застапени во голем дел од моите пишувања, дали се статии, поезија или проза. Случувањата во Македонија во последните 20 години неверојатно се застрашувачки за нас како Македонци ,, се чувствуваме како дрво кое го губи својот корен, некој упорно сече во длабоките корени, ги кастри гранките на историјата, јазикот, го ништи нашето вековно постоење , нашето верување во она што сме....

Благодарност изрази до Лидија и Шелдон рецепшн, тимот кој учествуваше во нејзиното презентирање Дијана Пупалевска Мицалевска, Александар Донски, Јанко Томов  Соња Стојановска, Весна Дамчевска, Сашка Ставревска, Славчо Трајковски, учесниците Татијана Гроздановска, Лорен Наумчевски, медиумите АМН и Денес Игор и Тони Павловски, СБС радио, веб порталот Фаланга (Никола и Сашка Ставрески), МЛД Кочо Рацин, снимателот Целе Петровски. Од музичкиот дел – голема благодарност до Група Извор, Иван Радевски, Хорот Утеха, Боге Ристевски и специјалните гости од Македонија, Стефче Стојковски, Душко Божиновски.

Вистинско задоволство беше да се присуствува на еден ваков настан на промовирање литературни дела на Македонски јазик. Своевидно претставува голем успех за цела Македонска заедница во Австралија и Македонија, факт дека постои љубов и грижа за родната земја.

Благодарност и наставничкиот колегиум при Викториското училиште за јазици, Keilor Downs.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top