(ВИДЕО) Протест поради 3 годишната затворска казна за убиецот на Никола Христовски - Кољо

Масовниот протест почна од Ново Лисиче, населбата каде и што се случи убиството лани, на 14 август во „Паркот на музиката“..

Неколку илјади граѓани попладнево излегоа на протест, по објавувањето на судската пресуда на Кривичниот суд, со која убиецот на 17-годишниот Никола Христовски - Кољо, беше осуден на затворска казна од три години.

Под мотото „Повик за правда“ граѓаните протестираат по улиците, со цел, како што велат, да покажат дека треба да се покаже дека „овој трул, нефункционален и заробен систем не функционира“. На протестот присуствуваше и таткото на младото момче кое лани го загуби животот.

„Ова е ПОВИК ЗА ПРАВДА. Повик на кој треба да одговори секој чесен човек кој ја гледа иднината во оваа земја. Секој кој сака барем малку да придонесе за да види темелни и сериозни реформи на нефункционалниот систем“, велат организаторите.

Член 125 вели дека тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на убиениот ќе се казни со затвор од една до пет години.

Лани на 14 август, на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во населбата Ново Лисиче, А.Т., според обвинението, го убил Никола Христовски.Имено, група од повеќе лица, во која бил и Христовски, го пресретнала обвинетиот во близина на една бензинска пумпа и започнале да го навредуваат и физички да го напаѓаат со влечење и со удари по телото.

„Обвинетиот започнал да бега кон зградите, а групата од околу 30 лица трчале по него, извикувајќи навреди и пцовки. Кога се доближил до влезот на една зграда обвинетиот се обидел да влезе, но не успеал. Во тој момент, прв до него стигнал оштетениот Никола Христовски, па обвинетиот доведен во состојба на силна афективна раздразливост, реагирал импулсивно и не бил во состојба логично да размислува, да расудува и да раководи со своите постапки. Тој извадил нож со сечиво од 9 сантиметри и на оштетениот му задал убодна рана во десната страна на градниот кош. Оштетениот бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза” каде му бил извршен хируршки зафат, но починал како резултат на крваречки шок“, стои во обвинението.

Од обвинителството најавија дека ќе поднесат жалба на првостепената пресуда, а организаторите на протестите велат дека нема да запрат тука.

„Ова е само жолт картон и опомена! И тука нема да застанеме! Се додека не ја направиме нашата земја подобро место за живеење каде системот ќе ги санкционира лошите а нема да биде иницијална каписла за одење кон анархија. Покажавме храброст, решителност, дисциплина. Покажавме дека сме силни и дека знаеме како да го одржиме редот и мирот иако сме лути и бесни! Но испраќаме и порака дека толеранцијата не е вечна и дека чашата е пред излевање! Испративме јасни пораки до сите, кои задолжително некој треба да ги преиспита“, велат тиe.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top