(ВИДЕО) Први снимки од големата руска воена база на Арктикот

Руската воена база наречена „Северна детелина“ на островот Котелни е една од најновите воени бази на Русија, а сместена е на едно од најнегостопримливите области на планетава..

Комплексот во облик на детелина со три листа е обоен во боите на руското знаме и може да прими 250 војници и доволно резерви за тие да функционираат една година без допир со надворешниот свет.

„Северна детелина“ е сместена во голем регион во кој доминира белата боја и поблиску е до Алјаска отколку до Москва. Една е од трите нови руски бази над 75-тата паралела и е дел од Путиновиот проект со кој сака да ја утврди својата воена сила на арктичкиот брег. Руската војска соопшти дека во последните шест години изградила 475 воени локации кои се протегаат од западната граница на Русија па се до Беринговиот Теснец на истокот.

Руската Северна флота се всели во базата во 2016 година. Воениот персонал не мора да се соочи со екстремните арктички услови, освен ако не е на должност надвор од објектот. Базата има станбени и блокови за работа кои се меѓусебно поврзани, а единствената самостојна зграда е всушност мала православна капела оддалечена 20 метри од центарот на базата.

„Базата го надгледува воздушниот простор, спроведува радарска контрола и го штити северниот морски пат“, изјави мајорот Владимир Пасечник.

Базата е веќе опремена со крајбрежни одбранбени ракетни системи и ракетен систем со среден дострел „панцир“, кој е приспособен на арктичките услови и кој може да функционира и на температури до -50 Целзиусови степени.

Функцијата на базата е да ги штити руските интереси во областа која брзо станува геополитичка жешка точка меѓу земјите кои имаат право на арктичките региони. Русија поседува околу 50 отсто од вкупниот арктички брег.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top