(ВИДЕО) Рецензија за најголемата политичка лага „ЗА ЖИВОТ“ - Измамата за пензиите

Обраќање на Христијан Мицкоски до пензионерите во Република Македонија.

Почитувани пензионери,

Се до 1 јануари 2019 година, зголемувањето на пензиите се пресметуваше како резултат на зголемувањето на два индикатори, и тоа, првиот е раст на трошоците за живот, а вториот е половина од растот на просечната плата во државата во претходните 6 месеци од годината, и ова покачување се пресметуваше 2 пати годишно, еднаш на 1 јануари, и еднаш на 1 јули во годината.

На 1 јануари 2019 година Заев го укина, го избриша од закон вториот индикатор за зголемување на пензиите, а тоа е растот на просечната плата во државата, и со тоа фактички ви ги намали пензиите.
Како Заев ви ги намали пензиите и колку пари вие пензионери губите за 2019 и 2020 година? Следува во продолжение:

Просечната пензија на 31.12.2018 година изнесуваше 14.445 денари, и ако таа пензија како што беше во закон предвидено се зголемеше за половина од 6,15 проценти колку што беше растот на просечната плата во второто полугодие од 2018 година, тогаш пензијата ќе се зголемеше за 3,075%, и таа ќе изнесуваше 14.890 денари, односно вашето месечно зголемување требаше да биде 445 денари во првата половина од 2019 година, пари кои Заев не ви ги даде, односно ви ги одзеде!

Ако просечната пензија на 30.06.2019 година изнесуваше 14.890 денари, и ако таа се зголемеше за 1,75%, колку што изнесуваше половината од процентот на раст на просечната плата во првото полугодие од 2019 година, тогаш вашата пензија требаше да изнесува 15.150 денари, или вие пензионери требаше да добиете ново зголемување на пензијата од дополнителни 260 денари.

Значи со укинувањето на законската одредба, Заев во првите 6 месеци од 2019 ви одзема по 445 денари месечно, а во вторите 6 месеци од 2019 година ви одзема дополнителни 705 денари месечно, или вкупно во 2019 година Заев ви одзема 6.900 денари, или 575 денари месечно просечно.

Понатаму почитувани пензионери,
Ако просечната пензија на 31.12.2019 година требаше да изнесува 15.150 денари, и доколку претпоставиме дека растот на просечната плата во втората половина од 2019 и во првата половина од 2020 година изнесува 5%, тогаш просечната пензија во периодот јануари – јуни 2020 година треба да изнесува 15.530 денари, а во втората половина од 2020 година просечната пензија треба изнесува 15.917 денари.

Значи со укинувањето на законската одредба, Заев во првите 6 месеци од 2020 година ви одзема по 380 денари месечно, а во вторите 6 месеци од 2020 година ви одзема по дополнителни 770 денари месечно, или вкупно во 2020 година Заев ви одзема дополнителни 6.900 денари, или 575 денари месечно просечно.

Драги пензионери, доаѓаме до вистината која е една и единствена,
Вие во овој период од две години, 2019 и 2020 година, требаше да имате повисоки пензии за 1.150 денари месечно, а Заев нуди покачување од само 700 денари месечно, или тоа значи дека Заев ви одзема 450 денари месечно и згора на тоа ви ја ускратува можноста за раст на пензиите во другите години затоа што го промени законот.

Цврсто верувам дека нема да потпаднете под манипулациите на Заев, кој сака да ви наметне пораз како победа, а одземањето од вашите заслужени пензии да ви го продаде како ново зголемување.
Доаѓа ново време, доаѓа обнова, доаѓа времето на честити политичари, а во обновата растот на пензиите ќе се гарантира со закон, и пензиите ќе се зголемуваат секоја година, и тоа опипливо и суштински.

Доаѓа обновата на Македонија! Доаѓа #OбноваНаМакедонија за сите!



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top