(ВИДЕО) Санкт Петербург ја прослави 75-годишнината од крајот на нацистичката опсада во Втората светска војна

Во Санкт Петербург денес беше одржана воена парада по повод 75-годишнината од завршувањето на нацистичката опсада во Втората светска војна во тој град, тогашен Ленинград..

Рускиот претседател Владимир Путин положи цвеќе на споменикот на војниците кои загинале за време на опсадата.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека 75-годишнината е „многу важен датум за целата земја, за сите Руси и за претседателот Путин лично“, кој инаку е роден и пораснал во тој град.

Над 2.500 војници, припадници на безбедносните сили и 80 парчиња специјална опрема учествуваа во денешната церемонија во Санкт Петербург, која почна со минута молчење за загинатите цивили и војници за време на тригодишната опсада.

„Се поклонуваме во знак на сеќавање на оние кои не се вратиле од војната и на оние кои умреле од рани и болести. Руската армија секогаш ќе се сеќава на достигнувањата на нашите татковци и дедовци“, изјави командантот на Западниот воен округ, генерал-полковникот и херој на Русија Александар Журављов.

Кадетите од воените академии во униформи од 1940-тите ја почнаа парадата носејќи оружје од времето на Големата татковинска војна. Учесниците ги носеа и знамињата на единиците од војната, руското знаме, Знамето на победата, знамето на руските оружени сили и знамето на Санкт Петербург.

Опсадата на Ленинград почнала на 8 септември 1941 и траела 872 дена, до 27 јануари 1944, која била скршена во советската операција Искра.

Ленинград е единствениот град во историјата кој издржал опсада од речиси 900 дена.

Од три милиони жители пред војната, во градот до крајот на опсадата останале 800.000. Според разни проценки, за време на опсадата животот го изгубиле меѓу 641.000 и милион луѓе.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top