(ВИДЕО) Сантиметрите повторно играа во Англија, Јунајтед славеше против Кристал Палас

Во англиската Премиер лига со вечерашните натпревари од 36 коло продолжи трката за место во Лигата на шампионите, а Лестер и Јунајтед беа во главните улоги..

Лестер нешто порано на свој терен со головите на Перез и Греј со 2:0 го совладаа Шефилд Јунајтед и така на две кола до крајот остануваат во добра позиција.

„Лисиците“ ја чуваат четвртата позиција, последната која води во Лигата на шампионите и сега имаат 62 бода.

Нешто подоцна повторно ги стигна и Манчестер Јунајтед. „Ѓаволите“ со победата над Кристал Палас на гостински терен дојдоа до 62 бода, но се на петтото место, зад Лестер.

И покрај тоа што Јунајтед дојде до триумф од 0:2, воопшто не беше лесен натпревар за гостите. „Црвените ѓаволи“ поведоа во судиското надополнување од првиот дел кога Рашфорд одлично се ослободи од својот чувар и погоди за 0:1, откако претходно Бруно Фернандес одлично го проигра младиот англиски напаѓач.

Кристал Палас во 55 минута дојде до гол, погоди Ају, но тогаш ВАР повторно стапи на сцена, се цртаа линии и се мереа сантиметри. Епилогот беше дека Ају е во офсајд, па голот беше поништен.

Од друга страна, Јунајтед во 78. минута го потврди триумфот со голот на Марсијал за 0:2, а асистент беше Рашфорд.

Во текот на мечот Кристал Палас имаше неколку одлични шанси, но на крајот не успеа да постигне ниту еден гол.

Трката продолжува и во следното коло. Манчестер Јунајтед ќе го пречека Вест Хем и ќе имаат шанса можеби и да го прескокнат Лестер, кој игра против Тотенхем.

Сепак, по се изгледа дека трката за четвртото место ќе се решава во последното коло кога Лестер и Јунајтед ќе се соочат меѓусебно во директна пресметка за место во Лигата на шампионите.

Треба да се додаде и дека денеска Евертон и Астон Вила ремизираа со 1:1, а со истиот резултат заврши и дуелот меѓу Саутемптон и Брајтон.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top