(ВИДЕО) Шведски воени авиони буквално ги бомбардираат шумските пожари

Шведска во борбата против шумските пожари, кои веќе со денови беснеат во скандинавската земја, воведе ново оружје – воени авиони..

Пожарите беснеат во Елвдолен, во централна Шведска, веќе 13 дена по ред. За нештата да бидат полоши, пожарот зафати и полигон за воени вежби во кој има голем број недетонирани бомби, поради што пожарникарите не можат безбедно да се приближат до пожарот и да го стават под контрола.

Затоа шведските власти се решија за прилично неконвенционална опција, можеби прва во гасење пожар: ги ангажираа оружените сили, кои испратија два ловци ЈАС 39 грипен да фрли бомба во огнот.

Теоријата зад оваа постапка е дека притисокот што ќе го создаде експлозијата ќе помогне во зауздувањето на пламенот. „Кислородот од огнот може да биде изваден со помош на бомба, а во овој случај беше возможно да се обидеме, бидејќи е оган“, објасни командантот на пожарникарскиот и спасувачкиот тим Јохан Шимански.

„Нашата прелиминарна проценка во моментов е дека ова имаше добар ефект“, додаде командантот, а пренесува шведски Локал.

Како што пишува шведски Афтонбладет, бомбата која била фрлена е ГБУ-49, од висина од 3 илјади метри, при што постигнала брзина од 550 километри на час пред да ја погоди метата со прецизност од еден метар.

Според првичните извештаи, бомбата на овој начин успеала да го изгаси огнот во радиус од 100 метри околу метата.

Сепак, до вчера попладне низ Шведска гореа над 40 пожари, и сѐ повеќе и повеќе региони воведуваат забрани за палење оган, што вклучува дури и скара на приватен имот.

Шведските власти во понеделникот соопштија дека гори област со големина од 25 илјади хектари во покраините Даларна, Гевлеборг, Вестернорланд и Јемтланд. Додека просечните летни температури во Шведска се околу 23 Целзиусови степени, оваа година има незабележано високи температури. Шведската метеоролошка служба соопшти дека ова е најтоплиот јули во последните 260 години.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top