(ВИДЕО) Спектакл на „Сан Сиро“: Јуве водеше со 2:0, Милан со пресврт до убедлива победа

Спектакуларен натпревар одиграа екипите на Милан и Јувентус на „Сан Сиро“ во рамките на 31 коло во Серија А..

„Росонерите“ се во одлична форма по враќањето на сезоната во Калчото и дојдоа до четвртата победа во последните пет меча. Притоа, Милан славеше против Рома, Лацио и сега Јувентус, што навистина дава назнаки дека тренерот Пиоли успеал да го пронајде вистинскиот рецепт.

Сепак, и покрај добрата серија, за Милан не постојат шанси за пласман во Лигата на шампионите, но сега „Росонерите“ имаат одлична шанса да се изборат за директен пласмaн во Лигата на Европа. Од друга страна, со овој пораз, Јуве испушти шанса да побегне на 10 бода разлика во однос на Лацио, кој денеска загуби на гостувањето кај Лече.

По првото полувреме, во кое немаше поголеми возбудувања и голови, пристигна вистинска канонада од погодоци во вториот дел.

Рабио постигна феноменален погодок во 47 минута, а само шест минути подоцна Роналдо зголеми на 0:2 и се чинеше дека натпреварот е веќе готов и дека Јуве ќе слави нова победа со која ќе се доближи до нова титула во Серија А. Не дека скудетото е сериозно загрозено за „Старата дама“, но со победа вечерва веќе ќе беа блиску до одбрана на тронот.

Вака, „Росонерите“ се погрижија колку-толку да има некаква возбуда до крајот на сезоната. И покрај тоа што имаа негатива од два гола во второто полувреме, избраниците на Пиоли успеаја да направат пресврт и на крајот да слават убедлива победа.

Пресвртот го најави Ибрахимовиќ во 62 минута со гол од пенал. Само четири минути подоцна Ибра му асистираше на Кеси за израмнување на резултатот на 2:2, а веќе во следната минута Леао по асистенција на Ребиќ стрелаше за целосен пресврт.

Конечните 4:2 ги постави Ребиќ во 80 минута од мечот. Со оваа победа, Милан се искачи на петтото место на табелата со еден бод повеќе од Рома и Наполи кои имаат натпревар помалку. Од друга страна, Јувентус останува со седум бода предност во однос на Лацио.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top