(ВИДЕО) Спектакл во режија на Лилард: 61 поен против Далас, се израмни со Чемберлен

Демиен Лилард имаше уште една ноќ за паметење..

Чудесниот кошаркар на Портланд Трејл Блејзерс го одведе својот тим до победа над Далас Маверикс со 134:131, притоа уфрлувајќи 61 поен во овој меч, израмнувајќи го притоа својот личен рекорд по бројот на поени.

Лилард игра навистина чудесно по враќањето на НБА лигата. Изминатите денови беше во центарот на вниманието поради конфликтот со Пол Џорџ од ЛА Клиперс, а синоќа јасно покажа дека заслужува поголема почит.

Далас беше тој кој подобро влезе во мечот. Имаа осум поени предност, но Портланд со серијата 15:0 во завршницата од првата делница направи пресврт и по 12 минути игра имаа водство од 38:31. Благодарение на неверојатниот Лилард Трејл Блејзерси го одржуваа водството во втората четвртина. На полувреме заминаа со предност 66:58, но Далас не се предаваше.

Успеаја во текот на третиот период да поведат со три поени предност, Портланд ја врати предноста по третата четвртина (98:95), но Маверикси беа тие кои во текот на поголемиот дел од последната делница имаа водство.

Неверојатниот Лилард го одржуваше Портланд во игра. На минута и пол до крајот погоди неверојатна тројка за 61 поен и со тоа го израмни рекордот на кариерата, а потоа Хасан Вајтсајд погоди за водство од 132:130 на 40 секунди до крајот.

Дончиќ промаши едно слободно фрлање, од друга страна Си Џеј Меколум од линијата за слободни фрлања беше сигурен за 134:131, а на Маверикси им остануваат речиси четири секунди за напад. Хардавеј не успева да постигне тројка и Портланд дојде до огромна победа.

Кармело Ентони кај Портланд додаде 26 поени, додека на другата страна Кристапс Порзингис мечот го заврши со 36 поени. Лука Дончиќ имаше 25 поени, 10 асистенции и осум скока.

Милвоки со 24 поени на Брук Лопез, во меч без никакво значење, го совлада Вашингтон. Адетокумбо мина само десетина минути на паркетот, имаше 10 поени и 9 скока. Милвоки е прв на Истокот, а во плејофот ќе игра со „домаќинот“ Орландо.

Во првите мечеви од денот, Бруклин го совлада Орландо со 108:96, Сан Антони ги задржа надежите по победата во тексашкото дерби против Хјустон со 123:105, Феникс ја совлада Филаделфија со 130:117, Бостон беше подобар од Мемфис со 122:107, а Сакраменто славеше против Њу Орлеанс со 112:106.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top