(ВИДЕО) Заев: 10-тина дена ќе се обидуваме да обезбедиме двотретинско мнозинство, ако не може, ќе одиме на избори на 25 ноември

Прес-конференција на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев..

Одговори на новинарски прашања на премиерот Зоран Заев:

Медиуми: Премиере, дадовте две опции како да се продолжи процесот. Првиот е да се оди веднаш со уставните измени, вториот е предвремени парламентарни измени. Оваа втора ваша опција веднаш ја одбија од ВМРО-ДПМНЕ. Гсподинот Мицкоски изјави дека премиерот треба да размислува за оставка а не за предвремени избори, а оваа идеја не му се допадна ни на вашиот коалиционен партнер Ахмети, кој што изјави дека не се приоритет изборите.


За уставните измени. Вашиот заменик господинот Османи изјави дека се потребни 106 дена да се заврши целиот процес до март за сето ова да не пропадне, што значи дека треба да се почне веднаш со процедурата.  Дали вие ќе почнете собраниска процедура доколку не сте сигурни дека ги имате бројките и мислам дека овие граѓани кои што гласаа за заслужуваат поконкретен одговор да им кажете колку пратеници сте сигурни дека ќе гласаат за уставни измени моментално?

Јас не знам колку пратеници. Демократска земја сме, парламентот е врв на демократијата. Но знам колку треба. 80 пратеници треба за двотретинско мнозинство за гласање на уставните промени. Се согласувам со дел од сите овие тези дека златно време доаѓа за Македонија, не би требало изборите да бидат најпосакуваната опција. Би требало да бидат неопходната опција доколку за тоа има потреба. Затоа, првиот повик е најважен. Пратеници, да ги оставиме партиите на страна, да ги оставиме личните суетии каприци на страна, и конечно, знаејќи дека подобар договор со Грција ниту може ниту ќе може да се направи, ниту пак има алтернатива за нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Од тој аспект реков да не си играме играчки. Државата е во прашање, иднина е во прашање на нашата земја и на нашите деца. Затоа остануваат неколку денови  да направиме напори со пратениците во Парламентот, да видиме дали ќе  има двотретинско мнозинство.  Ако нема, реков, веднаш треба да се преземат чекорите за избори. Зошто? За да ги фатиме роковите. Знаеме дека во мај месц има избори во европскиот парламент, во кои што учествува и нашиот сосед Република Грција. Така што има доволно време, законот и Уставот го дозволуваат тоа време, јасно се опишани сите чекори кои што треба да се направат за да се дојде до избори и да се стигне навистина брзо, за да се стигне до ноември, за да може сите рокови по устав и по закон да ги запазиме, а да има доволно време за да може парламентот на соседна Грција да има доволно време да ги донесе одлуките. Но реков, секогаш останува она што е најдобро, најпосакувано, за нашата земја и за граѓаните. Овие 600 000 гласачи ЗА, од овие 659 000 кои излегле на гласање, навистина, кажуват во кој правец ќе бидат и одлуките на граѓаните. Но реков, златно време доаѓа за Македонија. Да ги искористиме за економски раст, за овој раст кој почна да се крева во Мкедонија, за економскиот стандард на граѓаните, за европските фондови, за она за што граѓаните очекуваат од нас да донесеме одлука. Така што, сериозно упатувам порака да се посветиме, и да ги ставиме националните интереси и интересите на нашите граѓани пред сите нас, и пред интересите на политичките партии.

Медиуми: Се заблагодаривте на дел од претставниците и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои денес,веднаш вечерва дел од нив порачаа дека немаат никакви намери да гласаат за уставните измени во Собранието, меѓу кои и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи волјата на граѓаните е јасна и нема да поддржат никакви договарања  во наредниот период. Поконкретно господине Заев, како ќе ги убедите ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни измени? Со валкани дилови, амнестија ли е во игра, како ќе гласаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?

Мислам дека секогаш сме биле транспарентни до крај, пред се почитувајќи ја личноста на секој поединец, и на нашите институции. Ќе направиме обид во парламентот, да разговараме со пратениците, и ќе знаеме. Ако има двотретинско мнозинство ја почнуваме постапката за уставни промени. Јасно пропишана и во Деловник и во Устав и во закон. Ако нема, веднаш Парламентот ќе се подготвува за распишување на предвремени парламентарни избори. Затоа што никој до сега не рече што е алтернатива за Македонија. Никој не нуди подобар договор, никој не нуди алтернатива на НАТО и ЕУ. Патот е јасен. Тој е патот. Затоа сериозноста на сите нас, треба да биде поголема од било што. Имаме огромно видливо мнозинство. Преку 91% е она што до сега пресметале и ДИК, независните набљудувачи и нашите аналитички центри. Тоа се 600 000 граѓани. а може и повеќе. Како што реков, никогаш, на ниту едни парламентарни избори, од самостојноста на Република Македонија, вака изразена волја не постоела за парламентарни избори кога и да се одржале.  Така што јасен е патоказот по кој што не упатуваат нашите граѓани.

Медиуми: Два пати во одговорите претходно споменавте, Устав, Закон, Деловник. Два пати во текот на август, рековте дека доколку референдумот не успее вие ќе се повлечете. Според Уставот, според Законот за референдум овој референдум не е успешен, од формално правен аспект, дали планирате да си стоите на зборот?

Денеска имаме успешен процес на референдум. Ако мнозинството видливи гласови беа против, секако ќе го направев тоа, но кога имате мнозинство од повеќе од 90 проценти од граѓаните коишто излегле на гласање и одлучиле да одлучуваат, да влезат во носењето на одлуката, и донеле одлука. Не само што немам намера да поднесам оставка, туку и имам обврска да продолжам Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ.

Медиуми : Повторивте дека предвремени избори се опција, меѓутоа дали во таков услов доколку не помине ова во Собранието, дали ќе ги стигнете роковите во услови на нови избори и како ги оценувате постапките на бојкотирам, бидејќи дел од нив вечерва исто така слават победа, како ќе се однесувате со нив и како ќе ги убедите да го променат ставот?

Јас сум демократ човек и почитувам демократски права, видов беше некоја гужва пред Собранието, и секако ги почитувам сите граѓани. Да не заборавиме дека врвно демократско право е, правото на избор и оваа демократска алатка на референдумот, да не заборавиме дека сите политички партии рековме, ниту еден поединец, ниту една политичка партија, освен граѓаните на референдум ќе донесат одлука, да не заборавиме да се потсетиме на страна 295 од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, од сите програми вклучително и сегашната, дека на референдум граѓаните ќе донесат одлука и дека со изразено мнозинство на оние што ќе излезат и ќе гласаат, ќе донесат одлука. Да не се преправаме, пресериозна е оваа работа за нашата земја, така што пред нас се опциите, јас сум среќен што граѓаните денес се изјаснуваа, тоа е патот. Оние коишто одлучиа да излезат и да гласаат, носат одлука, одлуката е донесена, патот е јасен, правецот е трасиран, по тој пат продолжуваме сите. Се надевам дека Парламентот ќе се поклони на мнозинската одлука од повеќе од 600.000 гласачи од повеќе од 90% од оние што излегле да гласаат и ќе ја испочитуваат одлуката до крај. Никој и никаде во светот во демократските земји неуспеал да се спротивстави на мнозинската одлука на граѓаните. Ние денеска имаме одлука, имаме успешен референдум, Македонија оди напред, Македонија ќе биде членка на НАТО и на ЕУ.

Медиуми:  Знаеме дека сте пријатели со премиерот Ципрас, после објавувањето на резултатите од референдумот, дали разговоравте со него, дали имавте телефонски разговор?

Ние со мојот пријател Алексис Ципрас разменивме вечерва порака, тој го поздрави изборот и одлуката на нашата земја и ја поздрави одлуката која што ја донесовме и јавно ја соопштивме, истовремено испрати порака дека иднината останува на храбрите и остануваме и двете страни посветени на целосна имплемнтација на договорот. Пријателството е вредно и треба да го подржиме до крај, затоа што отвора само убави перспективи за граѓаните на двете земји, за нашите две земји.

Медиуми: Изгледате многу сигурен дека премиерот Ципрас ќе успее да го ратификува Преспанскиот договор во грчкиот Парламент. Неговиот партнер, Министерот за одбрана на Грција Панос Каменост, денеска објави дека вашиот референдум е неуспешен (невалиден). Дали сте се уште сигурен дека Договорот ќе помине во грчкиот парламент?

Ова не е нешто ново од почитуваниот министер Каменос, реков демократ човек сум, секако верувам во овој процес, можеби и спаѓам во оние од двете земји кои што најмногу веруваат во целиот овој процес. Јас знам каков е капацитетот на нашиот народ и денеска видовме дека повеќе од 90 отсто изразена волја на граѓаните. Апсолутно, премиерот Ципрас довери верба на граѓаните на Република Македонија да излезат и да гласаат и преку тоа што го ставија својот потпис на договорот, ние исто така пренесовме верба дека грчкиот парламент исто така ќе ја заврши својата работа. И тоа е на крајот начинот на градење на пријателство, преку доверба, преку позитивен елан, преку пренесување на верување едни на други, и така ќе јакне пријателството. А верувам сите, вклучително и почитуваниот министер Каменос, ќе видат сите дека само придобивки и граѓаните на двете земји и нашите две земји. Немам дилема за тоа.

Медиуми: Знаеме за законските рокови, сепак ќе Ве прашам, до кога им оставате на ВМРО-ДПМНЕ рок , за да одговорат на поканата што вечерва  ја испративте до пратениците. Како го коментирате ставот на лидерот Мицкоски кој вечерва одговорајќи на новинарско прашање рече дека референдумот не бил за предвремени избори и практично не се изјасни како одговора ВМРО-ДПМНЕ на вашата фрлена ракавица или-или,  и уште едно прашање, дали ќе побарате средба со Мицкоски?

Ме знаете, повеќе од сите веројатно, ќе направам се’. Ќе побарам и средба со господинот Мицкоски и со раководство ако треба на политичките партии, со пратениците да поразговораме во едни вакви околности. Зошто немаше директен одговор од господинот Мицкоски за предвремени избори, тоа само од себе потврдува, не треба да си играме играчки и треба сериозно да ги засукаме ракавите и да ја следиме јасно и недвосмислената волја на граѓаните. Парламентот е на ред, Парламентот треба да носи одлука. Знаејќи дека Уставот предвидува не повеќе од 60 дена од распуштање на Парламентот, дава можност и за 45 дена за предвремени избори, крајот на ноември е примамлив датум. Секако тоа ќе биде консултирано со правниците и стручните лица за да можеме оние 100ина дена да ги искористиме а преку тоа да дадеме соодветно доволно време и на грчкиот парламент да ја донесе одлуката доволно далеку од парламентарните избори на Европскиот Парламент. Така што време има доволно, ако одлучиме да одиме на избори, уште еднаш напоменувам, избори би требало да има само ако тоа е неопходно, реков, Парламентот е на ред и треба да донесе одлука. Неколку денови ќе се обидеме,  еве 10ина дена ако се обидеме, 25 ноември е недела ден и го фаќаме рокот од 45 дена. Но, златно време е за Македонија доаѓа, сите трендови се во пораст. Оваа позитивна одлука која што Парламентот ќе ја носи, паралелно ќе ги искористиме месеците пред нас. Го знаете мојот став, Македонија конечно треба да оди на редовни избори, но ако нема двотретинско мнозинство, впрочем што би можеле друго да направиме. Никој не нуди друга алтернатива, да понудеше некој, ќе седневме ќе разговаравме, за друг договор, за подобар договор, но сите знаат дека нема. Нема некоја друга алтернатива, план Б, план Ц, но нема! Едноставно зборуваме со силата на аргументите и фактите и ќе се обидеме за она што е логично и нормално и апелирам дека пресериозен период е пред сите нас, кога се носат сериозни одлуки, сите сме исправени пред ваквите одлуки кои секако имаат последици. Како и да ги донесеме одлуките тие секако ќе предизвикаат последици. Единствено исправени пред последици по нас ќе бидат ако тргнеме настрана СДСМ , ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, ТДП, ТХП, сите партии да не ги набројувам, и ја ставиме пред нас Македонија и граѓаните. Ова е време за одлука за граѓаните и за Македонија. Верувам, дека ќе изнедриме сила сите ние да го продолжиме овој пат. Граѓаните ни дадоа чисто кристална јасна порака, на референдум се одлучува од оние што сакаат да одлучуваат. Можеби граѓаните не се подготвени да донесат одлука, бирале институции, можеби граѓаните ги немаат доволно одговорите, или не ги интересираат одговорите и сакаат да предочат пред институциите, нема бегање од одлуката. Одлуката ќе ја носиме, вака или после еден чекор па пак ќе ја носиме. Така што јасен е чекорот. Јас сум, гледате и сами, релаксиран и среќен, мојот народ, сите наши граѓани, денеска имаа убаво демократско право да се изјаснат, тоа е врвот и убавината на демократијата. Ви благодарам.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top